По денешната објава на пратеникот Мухамед Зекири дека е заразен со коронавирус, „Телевизија 24“ преку соопштение ја информираше јавноста дека Зекири во четвртокот беше гостин во Отвореното студио, на дебата со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ – Игор Јанушев, која ја водеше новинарката Душица Мрѓа.
„Во текот на реализацијата на дебатата и при доаѓањето на гостите, испочитувани се сите неопходни протоколи за физичка дистанца меѓу присутните, а соодветно студиото каде беше присутен Зекири е дезинфицирано.
Во комуникација со епидемиолозите преземени се дополнителни мерки, за да се превенира било каков ризик“, велат од „ТВ24“.
Оттаму додаваат дека нивната колешка добро ќе чувствува, но дека по препорака на епидемиолозите ќе остане 14 дена во домашна самоизолација.
„На Зекири и неговото семејство му посакуваме брзо оздравување.
Телевизија 24 продолжува непречено со работа и во наредниот период, со почитување на препораките на здравствената комисија и протоколите за работа во услови на епидемија“, се вели во соопштението на „ТВ24“.
Во меѓувреме се огласи и Игор Јанушев, кој му беше соговорник на Зекири во дебатата на „ТВ24“. На Зекири и неговото семејство Јанушев им посака брзо закрепнување, а јавноста ја информираше дека сѐ уште ги чека неговите резултати и дека ќе ги превземе сите мерки кои ќе ги препорачаат здравствените власти. Истовремено, порача и дека да се зборува за избори во една ваква состојба е неодговорно кон граѓаните:
Претходно, за „Фокус“, Зекири објасни зошто воопшто се тестирал, со оглед дека нема симптоми:
„Мојата сопруга пред неколку дена пројави благи симптоми, омалаксаност, и не чекавме и беше земен брис. Вчера го добивме позитивниот резултат, по што и мене и на ќеркичката ни беше земен брис. Нашите позитивни резултати стигнаа денес. Сите се чувствуваме добро, без температура, се надеваме дека ова ќе го пребродиме без компликации. Засега сме без терапија, примаме витамини. Остануваме во изолација, апелираме да се следат препораките на надлежните, и при појава на најмал симптом да се побара помош, да не се чека“, вели Зекири за „Фокус“.