Разрешениот реис поднесе неотповиклива оставка: Спремен сум да одговарам пред Законот

Една недела откако Ријасетот го разреши, поранешниот поглавар на ИВЗ Сулејман Реџепи се огласи со писмено соопштение до јавноста. Во соопштението, Реџепи информира дека поднесува неотповиклива оставка и дека освен што ќе одговара пред Бога, подготвен е да одговара и пред „Законот“. Соопштението во продолжение го пренесуваме во целост:

„Последниве денови во јавноста се пласираа редица дезинформации и се одвиваше кампања која што јас ја сметам за нецивилизирана а која што се однесуваше на мојата личност при што се нанесоа сомнежи на мојата активност и ангажирање на чело на ИВЗ во РСМ.

Како верски водач и човек, длабоко сум трогнат од оваа навредлива кампања, но во ниту еден момент не го оспорив правото на било кој да го изнесе своето мислење и став, свесен и уверен дека Единствениот и Конечен Судија за делата на секој човек е и ќе биде секогаш единствено Семоќниот Алах.

Во оваа прилика, сакам да ја подсетам нашата јавност, пријателите и сите тие кои што кон мене немаа пријателски однос дека јас х.Сулејман еф. Реџепи, повеќе од четири децении сум работел и творел ексклузивно во Исламската Верска Заедница на РСМ, нејзе ѝ го посветив животот и својот ангажман чии што траги се видливи и опипливи насекаде. Во ИВЗ го дадов својот придонес како теолог и нејзин долгогодишен водач низ мачни години исполнети со тешкотии и тегоби од разни природи, трудејќи се да ја унапредам работата на институцијата на чие што чело бев, профилирајќи го и збогатувајќи го исламскиот верски живот на разни начини, приближувајќи му го повеќе и по снажно на исламскиот верник и на нашите џемати.

Во тој поглед секогаш сум инсистирал на подигнување на квалитетот на исламското верско образование преку заживување на училишта и на Факултетот за Исламски Науки кои што негуваа чисто исламско образование. Истовремено, со моите соработници сум работел и сум се ангажирал за подигање и ревитализација на стотици џамии кои што денес се во служба на муслиманските верници.

Сето тоа го сметам како траг што ја следеше мојата кариера во ИВЗ на РСМ, при тоа не негирајќи ја можноста за некоја евентуална грешка што можела да се појави при моето работење а за која барам прошка од Бога и од нашите верници.

Преку ова мое соопштение ја известувам јавноста дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата Реисул Улема на ИВЗ во РСМ, нагласувајќи при тоа дека за мојата досегашна работа одговарам пред Бога и спремен сум да одговарам пред Законот.

На ИВЗ во РСМ за чие што единство сум работел сиот свој работен век и која што ја чувствувам како составен дел на мојот живот, и пожелувам успеси во работата во иднина, додека на исламските верници им пожелувам среќа а мирот, љубовта и милоста Божја да бдеат над нив било каде да се наоѓаат.

Со почит, Реисул Улема Х. Сулејман еф. Реџепи“.

- Реклама -