Џамиjaта во Порој остана затворена: „Проpoкот Муxaмед вели: Кога во едно место се појавува eпидeмиja, не влегувајте таму“

Со средства за дезинфекција и заштитни маски, но често недоволна физичка дистанца бидејќи просторот не дозволуваше, денеска голем број верници дојдоа во џамиите на утринската молитва Сабах Намаз, откако ИВЗ ги отвори храмовите за големиот празник Рамазан Бајрам. Не и во село Порој. Таму вратите на џамијата останаа затворени, и тоа со одлука на Имамот Максут Абази. Езанот (повик за молитва) ечи, но не се дозволува намаз уште од крајот на март, а нема да се клања ниту Фитр Бајрам. Сето ова во насока на заштита на здравјето на верниците, вели имамот.

„Ја донесов оваа одлука за да не дозволам вирусот да се шири кај моите сограѓани“, вели тој за „Алсат“, додавајќи дека верникот, кога доаѓа во џамија, треба да е слободен. „За мене не е во ред да им кажам на верниците да мијат раце, да ги дезинфицираат рацете и да држат социјална дистанца“.

„Пророкот Муxaмед вели: Кога во едно место се појавува епидемија, не влегувајте во неа, а ако сте таму, не излегувајте оттаму“, додава Абази, посочувајќи дека и во поголемите муслимански земји, како Турција, Саудиска Арабија и други, во сила е неколкудневен полициски час токму за да се спречи ширење на вирусот.

„Јас само ги почитувам мислењата на експертите во време на пандемија да нема групирања. Можеби ќе бидам критикуван и ќе ме пцyjaт за оваа одлука, но има и доста верници кои ќе ме разберат правилно. За мене, пак ќе кажам, е најважно да го заштитам здравјето на моите соселани“, вели имамот од Порој.

И навистина, жителите на Порој не само што го поддржуваат, туку и се горди на Абази, кој, велат, е активен и надвор од џамијата и кој е заслужен за голем дел од просперитетот на селото, вклучително и зеленилото:

„Без имамот тука не може да се стори ништо. Овие паркови во Порој се токму негово дело. Без него не би имало никаков просперитет“, велат тие.

Во разговор со „НОВА“, пак, имамот од Порој вели дека тие одамна одлучуваат независно од ИВЗ:

„Ние одамна сме расчистиле со реисот Сулејман Реџепи. Уште од 2006 година. Сами носиме одлуки како ќе функцинира нашата џамија, па така и сега – донесовме одлука каква што сметаме дека треба да се донесе. Се дистанцираме од него и од неговите одлуки. Парите кои ги собираме од верниците не ги даваме на ИВЗ, туку ги даваме за селото. Со нив имаме направено паркови, сме поставиле урбана опрема, јавно осветлување и слично“, вели Абази.

Во Тетовско, денеска затворена остана и џамијата во село Глоѓи, Теарце. Таму немаат ништо против ИВЗ и реисот, но решиле дека таквата одлука е најсоодветна во насока на почитување на мерките на владата за заштита од коронавирусот. Повеќе ТУКА.

Фото: Алсат

 

- Реклама -