Мерката „Викенд без ДДВ“ ќе се однесува само на еден викенд и ќе важи само за корисниците на „Мој ДДВ“

Мерката „викенд без ДДВ“, која вчера ја најави премиерот Оливер Спасовски како дел од третиот пакет мерки за опоравување на економијата од последиците од кpизата со коронавирусот, а која ќе се однесува на одредени продажни сектори – како што се продавниците за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги, ќе се однесува на само еден викенд, објасни денеска Фатмир Битиќи – советник по економски прашања во кабинетот на премиерот Спасовски.

Планирано е викендот без ДДВ да се спроведе кон крајот на август или на почетокот септември, под претпоставка дека пандемијата дотогаш ќе стивне и со тоа ќе се намали ризикот од зараза дури и при евентуално групирање на поголем број граѓани кои ќе решат да пазарат токму тогаш за да ги искористат бенефитите од оваа конкретна мерка. Последниот збор ќе го имаат здравствените власти, односно погодниот момент за реализирање на мерката ќе соодветствува со нивните препораки, а со цел да не се загрози здравјето на граѓаните.

Од друга страна, паѓа во вода можноста за даночни злоупотреби од страна на фирмите, кои би можеле прометот кој не го пријавиле претходните месеци да го пријават тој викенд без да платат данок, како што предупреди вчера професорот Бранимир Јовановиќ – поранешен советник на ексминистерот за финансии Драган Тевдовски. Имено, како што објасни Битиќи, токму од овие причини мерката ќе важи само за корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“, односно само тие ќе можат да купуваат без ДДВ.

Битиќи посочи дека оваа мерка не е новост и била спроведувана и во други земји:

„Во поглед на реализацијата, посочуваме дека е само за корисниците на апликацијата ’Мој ДДВ’. Само тие ќе можат да учествуваат и само продуктите што ќе се продадат исклучиво тој ден и за нив ќе има фискална сметка, влегуваат во овој пакет викенд без ДДВ“, рече тој.

Според владата, со оваа мерка во стопанството ќе се слеат 20 милиони евра.

- Реклама -