Рамазан во државен карантин – мувлосана павлака и бајат леб „од пред да биде донесен законот за карантин“

Нермин Бишевац во саботата се вратил од Германија и оттогаш е сместен во државен карантин во хотелот „Молика“ во Битола. Во разговор со „ТВ21“ тој се пожали на условите во хотелот, поточно на храната која им се дава на гостите, од кои околу половина, според Бишевац, постат за Рамазан.

Храната во хотелот, според него, не може да се јаде – гостите, со нив и тој, неодамна добиле скиселен јогурт „што не можеш во ycта да го ставиш, а не па да го испиеш“, а вчера добиле мувлосана павлака. Тие што не забележале, си ја изеле, вели Бишевац, кој се жалел и кај персоналот на хотелот и првично добил одговор дека храната не е со поминат рок. Не е со поминат рок, потврдува Нермин, ама е расипана.

Лебот исто така не се јаде, вели тој. Толку е бајат што Нермин се шегува дека „е од пред да биде донесен законот за карантин“.

Генералниот секретар на Владата – Драги Рашковски, за „ТВ21“ одговорил дека Владата е надлежна за одредувањето на државните карантини, но не и дека е одговорна за храната. Од „ТВ21“ не успеале да остварат контакт со менаџментот на хотелот. Видеото на Нермин погледнете го ТУКА.

- Реклама -