Министерот за здравство Венко Филипче, кој во моментов е во домашна самоизолација поради контакт со кумановскиот градоначалник, кој е позитивен на Ковид-19, преку Фејсбук им го честиташе најголемиот христијански празник на граѓаните.
Тој потсети дека здравјето си го порачуваме во сите честитки, но дека понекогаш го земаме здраво за готово. Во тој контекст, Филипче порача овој Велигден да биде потсетување за тоа колку е важно здравјето и притоа им се заблагодари на граѓаните што ги почитуваат мерките, но и побара разбирање за сите воведени ограничувања во насока на зачувување на здравјето на сите граѓани.
„Драги пријатели, Ви го честитам најголемиот христијански празник, и ви посакувам многу, здравје, радост, успех и слога!
Оваа година прославуваме различно, без големи собири и дружења. Но, празникот е време да се потсетиме кои работи се важни во животот и да се потсетиме на вистинските вредности.
Една од најважните работи кои секогаш е дел од сите честитки, е доброто здравје. Иако редовно го посакуваме, често забораваме да го заштитиме или да се грижиме за него. Нека овој празник нѐ потсети колку е важно да се грижиме за нашето здравје, но и за здравјето на сите околу нас. Колку е важно да сме одговорни за себе, но и за другите. Колку е важно колективното наспроти индивидуалното.
Сакам уште еднаш да ви се заблагодарам за тоа што ги почитувате мерките и што секој придонесува да го заштитиме јавното здравје. Ви посакувам добро здравје и мир. Од вас барам само разбирање за сите ограничувања кои ги наметнавме, тие беа исклучиво во заштита на здравјето на сите. Нека ни е честит празникот“, порача Филипче.