Од среда забрана за излегување без маска во Куманово, Тетово и Прилеп

Почнувајќи од 22 април 2020 година (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници и сл. – одлучено е на вчерашната 44-та владина седница, на која беа донесени повеќе одлуки, мерки и препораки кои произлегуваат од 30-от состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 во овие општини, информираат од Владата.

Одлучено е Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење и потребната заштитна опрема.

Министерството за здравство, исто така, ќе треба да подготви и уредба со која ќе се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции.

Одлучено е во уредбата да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Северна Македонија, но по извесен период.

Покрај ова, Владата одлучи и да им се препорача на сите граѓани во Република Северна Македонија, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Од вчерашната седница произлезе и задолжувањето за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции кои имаат свои седишта или подрачни единици на подрачјето на Општина Куманово, како и укажувањето на Општина Куманово и јавните претпријатија и другите правни лица основани од Општина Куманово, да ги редуцираат своите капацитети и да воведат посебни мерки за заштита, со цел поголем број на лица да бидат изолирани во овој период.

Министерството за внатрешни работи, пак, се задолжува, во соработка со општинските штабови за заштита и спасување, најдоцна до 21 април 2020 година (вторник) да подготват посебен оперативен план за присуство и дејствување на припадниците на полицијата во подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, преку користење на засилени патроли и засилено присуство на полицијата, користење на мегафонска опрема од полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над почитувањето на одлуките, мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија.

Министерство за здравство, истовремено, се задолжува дел од донациите на заштитна опрема кои Република Северна Македонија ги има добиено до овој момент, да бидат дадени на здравствените установи во општините Куманово, Прилеп и Тетово.

Владата донесе одлука и дека од вторник се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.

- Реклама -