Во шесте дена откако највисоките кинески власти тајно утврдиле дека најверојатно се соочуваат со пандемија од нов коронавирус, градот Вухан во епицентарот на болеста организирал масовен банкет за десетици илјади луѓе; милиони луѓе веќе почнале да патуваат за лунарните новогодишни прослави.
Претседателот Си Џинпинг ја предупреди јавноста на седмиот ден, 20 јануари. Но до тоа време, повеќе од 3.000 луѓе биле заразени во текот на скоро една недела јавен молк, според документи што ги добил Асошиејтед прес и експертски процени засновани на ретроспективни податоци за инфекцијата.
Шест дена.
Тоа одолжување од 14 до 20 јануари не беше ниту првата грешка направена од кинеските власти на сите нивоа во справувањето со епидемијата, ниту најдолгото задоцнување, бидејќи владите низ целиот свет се влечкаа со недели, па дури и со месеци во справувањето со вирусот.
Но доцнењето на првата земја што се соочи со новиот коронавирус дојде во клучен период – почетокот на епидемијата. Обидот на Кина да најде рамнотежа помеѓу алармирањето на јавноста и избегнувањето паника го поплочи патот за пандемијата што зарази 2 милиони луѓе и однесе повеќе од 126.000 животи.
„Ова е страшно“, рече Зуо-Фенг Жанг, епидемиолог од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес. „Ако преземеа акција шест дена порано, ќе имаше помалку пациенти и медицинските установи ќе беа доволни. Можеби ќе го избегневме колапсот на медицинскиот систем на Вухан“.
Други експерти истакнаа дека кинеската влада можеби чекала со предупредувањето за да ја спречи хистеријата и дека во тоа време таа сепак дејствувала брзо надвор од очите на јавноста.
Но шестдневното одложување на кинеските лидери во Пекинг се случи по речиси две недели во текот на кои Националниот центар за контрола на болести не регистрираше никакви случаи од локалните власти, потврдуваат внатрешните билтени, кои ги добил АП. Сепак, за тоа време, од 5 до 17 јануари, стотици пациенти се пријавувале во болниците не само во Вухан, туку и низ целата земја.
Не е јасно дали локалните власти пропуштиле да ги пријават случаите или националните службеници пропуштиле да ги регистрираат. Исто така, не е јасно што точно знаеле властите во тоа време во Вухан, кој дури минатата недела ги укина ограничувања на карантинот.
Но она што е јасно, велат експертите, е дека строгите контроли на информациите во Кина, бирократските пречки и неволноста да се испраќаат лоши вести нагоре по командниот синџир, ги замолкнаа првите предупредувања. Казнувањето осум лекари за „ширење гласини“, емитувано на националната телевизија на 2 јануари, предизвика морници низ болниците во градот.
„Лекарите во Вухан се плашеа“, рече Дали Јанг, професор по кинеска политика на Универзитетот во Чикаго. „Тоа навистина беше заплашување на цела една професија“.
Без овие внатрешни извештаи, беше потребно да дојде до првиот случај надвор од Кина, на Тајланд на 13 јануари, за лидерите во Пекинг да добијат поттик да ја препознаат можната пандемија пред своите очи. Дури тогаш тие покренаа план на национално ниво да се пронаоѓаат заразените – дистрибуирајќи комплети за тестирање одобрени од ЦДЦ, олеснувајќи ги критериумите за потврдување на случаите и наредувајќи им на здравствените работници да ги проверуваат пациентите, и сето тоа без да ѝ се каже на јавноста.
Кинеската влада во првите денови негираше дека ги крие информациите, велејќи дека веднаш ја пријавила епидемијата во Светската здравствена организација.
„Наводите за прикривање или за недостиг од транспарентност во Кина се неосновани“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Жао Лиџиан на прес-конференцијата во четвртокот.
Документите покажуваат дека шефот на кинеската Национална комисија за здравство, Ма Сиаовеи, ја изложил мрачната процена на состојбата на 14 јануари на тајна телеконференција со провинциските здравствени власти. Во еден меморандум се вели дека телеконференцијата била одржана за да се пренесат упатства за коронавирусот од претседателот Си Џинпинг, премиерот Ли Кекианг и вицепремиерот Сун Чунлан, но не се прецизира кои биле тие упатства.
„Епидемиската состојба сè уште е тешка и комплексна, најтешкиот предизвик од САРС во 2003 година, и најверојатно ќе се претвори во голем јавен здравствен настан“, рекол Ма, се вели во меморандумот.
Националната здравствена комисија е највисоката медицинска агенција во земјата. Во факс-соопштение, Комисијата соопшти дека ја организирала телеконференцијата поради случајот пријавен на Тајланд и можноста вирусот да се рашири за време на новогодишните патувања. Во него се додава дека Кина „отворено, транспарентно, одговорно и навремено“ објавила информации за епидемијата, во согласност со „важните упатства“ што постојано ги издавал претседателот Си.
Документите доаѓаат од анонимен извор од областа на медицината, кој не сака да биде именуван поради страв од одмазда. АП ја потврдил содржината со два други извори во јавното здравство запознаени со телеконференцијата. Некои од содржините на меморандумот се појавиле и во јавното соопштение за телеконференцијата, но без клучните детали и објавени во февруари.
Во делот насловен „трезвено сфаќање на ситуацијата“ во меморандумот се вели дека „групираните случаи сугерираат дека е можно пренесување од човек на човек“. Се издвојува случајот на Тајланд и се вели дека ситуацијата „значително се променила“ поради можното ширење на вирусот во странство.
Како одговор на телеконференцијата, вели АП, Центарот за контрола и спречување на болести во Пекинг покренал највисоко ниво вонредни активности, внатрешно, ниво 1, на 15 јануари. Тој испратил високи лидери на ЦДЦ во 14 работни групи задолжени да најдат средства, да обучат здравствени работници, да соберат податоци, да вршат теренски истражувања и да ги контролираат лабораториите, покажува едно внатрешно соопштение на ЦДЦ. Во меморандумот ѝ се наредува на покраината Хубеи, каде што се наоѓа Вухан, да почне да мери температура на аеродромите, на автобуските и железничките станици и да ги скрати масовните јавни собири.
Националната здравствена комисија, исто така, им испратила упатства на 63 страници на здравствените службеници во провинцијата, во кои им наложува на здравствените службеници на национално ниво да ги идентификуваат сомнителните случаи, болниците да отворат клиники за треска, а лекарите и медицинските сестри да носат заштитна опрема. Сето ова било обележано како „внатрешно“ – „да не се шири на интернет“, „да не се открива јавно“.
Во јавноста, пак, властите продолжија да ја минимизираат заканата, а во тоа време се знаеше за 41 случај на зараза.
„Дојдовме до најново сознание дека ризикот од континуирано пренесување од човек на човек е мал“, рече Ли Кун, шеф на центарот за итни случаи на конески ЦДЦ, на кинеската државна телевизија на 15 јануари. Тоа беше истиот ден кога Ли беше назначен за лидер на група што подготвуваше планови за итни случаи за реакција на ниво 1, се гледа од известувањето на ЦДЦ.
На 20 јануари претседателот Си првпат јавно го искоментира вирусот, велејќи дека епидемијата „мора да се сфати сериозно“ и да се спроведе секоја можна мерка. Водечкиот кинески епидемиолог Жонг Наншан првпат објави на националната телевизија дека вирусот се пренесува од човек на човек.
Ако јавноста беше предупредена една недела порано да преземе активности како што се социјално растојание, носење маски и ограничување на патувањата, случаите ќе можеа да се намалат до две третини, откри подоцна еден документ. Порано издаденото предупредување можеше да спаси животи, рече Жанг, доктор во Лос Анџелес.
Сепак, други здравствени експерти велат дека владата презела решителна акција, со оглед на информациите до кои дошле приватно.
„Можеби не го кажуваа тоа што треба, но го правеа тоа што треба“, рече Реј Јип, пензиониран основач и шеф на кинеската канцеларија на американскиот Центар за контрола на болести. „На 20-ти тие го огласија алармот за целата земја, што не е некое неразумно доцнење“.
Ако здравствените работници го вклучеа алармот предвреме, тоа можеше да го наруши нивниот кредибилитет (како во басната за лажливото овчарче и волкот) и да ја осакати нивната можност да ја мобилизираат јавноста, рече Бенџамин Коули, епидемиолог од Универзитетот во Хонг Конг.
Доцнењето може да ги поткрепи обвинувањата од претседателот Доналд Трамп дека таинственоста на кинеската влада ја попречила реакцијата на светот на вирусот. Сепак, дури и со објавата на 20 јануари САД имаа речиси два месеци за да се подготват за пандемијата.
За време на тие месеци, Трамп ги игнорираше предупредувањата од сопствениот персонал и велеше дека болеста воопшто не е проблем, додека владата не успеа да снабди доволно медицински материјали и испраќаше фалични комплети за тестирање. Лидерите низ целиот свет мижеа пред епидемијата, а британскиот премиер Борис Џонсон повика на стратегија „имунитет на толпа“ – пред и самиот да се разболи. Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро се потсмеваше и го нарекуваше вирусот „блага настинка“.
Почетокот на пандемијата во Кина покажува пропуштени можности на секој чекор, откриваат документите и интервјуата на АП. Под власта на Си, најавторитарниот лидер во Кина последниве децении, зголемената политичка репресија предизвика властите да се плашат да пријавуваат случаи без јасна дозвола одозгора.
„Тоа навистина го зголеми ризикот за функционерите, што ги натера да не сакаат да стапнат преку линијата“, вели Матингли, професорот на Јејл. „Тоа им го отежна пренесувањето лоши информации на луѓето на локално ниво“.
Лекарите и медицинските сестри во Вухан за кинеските медиуми рекоа дека уште кон крајот на декември имало многу знаци дека коронавирусот може да се пренесува меѓу луѓето. Биле заразени пациенти што никогаш не биле на претпоставениот извор на вирусот, пазарот за морска храна Хуанан. Почнале да се разболуваат медицински работници.
Но властите го замолчувале медицинскиот персонал што се обидувал да пријави вакви случаи. Тие поставиле строги критериуми за потврдувањето на случаи, каде што пациентите не само што морале да имаат позитивен тест, туку и примероците морало да бидат испратени во Пекинг и да се секвенцираат. Тие барале вработените да се пријавуваат кај супервизорите пред да ги испраќаат информациите погоре, покажуваат извештаите на кинеските медиуми. А лекарите што предупредувале за болеста биле казнувани.
Како резултат на тоа, ниеден нов случај не бил пријавен скоро две недели по 5 јануари, дури и кога официјалните лица се состанале во Вухан на двата најголеми политички митинзи во покраината Хубеи во годината, потврдуваат внатрешните билтени на кинескиот ЦДЦ.
Во овој период, екипите на експерти испратени во Вухан од Пекинг велеа дека не успеале да најдат јасни знаци на опасност и на пренесување од човек на човек.
„Кина има долгогодишна контрола на болести, апсолутно нема шанси ова масовно да се прошири поради патувањето на пролетниот фестивал“, рекол на 6 јануари Су Џиангуо, шеф на првиот експертски тим, за Такунгпао, весник од Хонг Конг. Тој додал дека нема „евиденција на пренесување од човек на човек“ и дека заканата од вирусот е мала.
Вториот експертски тим, испратен на 8 јануари, не успеал да открие никакви јасни знаци на пренесување од човек на човек. Сепак, за време на нивниот престој околу 5-6 лекари и медицински сестри веќе биле разболени од вирусот, ќе покаже подоцна една ретроспективна студија на кинески ЦДЦ објавена во Њу Ингланд медикал џурнал.
Тимовите биле во потрага по пациенти со тешка пневмонија, промашувајќи ги оние со лесни симптоми. Тие, исто така, ја фокусирале потрагата по оние што го посетиле пазарот за морска храна – што од денешен аспект било грешка, вели Коулинг, епидемиологот од Хонг Конг, кој кон крајот на јануари одлетал во Пекинг за да ги истражи случаите.
Во седмиците откако стана јасна сериозноста на епидемијата, некои експерти ги обвинија властите на Вухан дека намерно криеле случаи.
„Отсекогаш се сомневав дека се пренесува од човек на човек“, напиша Ванг Гуангфа, лидер на вториот тим експерти, на 15 март во пост на Веибо, кинеската социјална мрежа. Тој се разболе од вирусот набргу откако се врати во Пекинг на 16 јануари.
Тогашниот градоначалник на Вухан, Жоу Сијанванг, за таинственоста ги обвини националните регулативи.
„Како службеник на локалната власт, јас можев да откријам некоја информација дури откако ќе добиев дозвола“, им рече Жоу на државните медиуми кон крајот на јануари. „Многу луѓе не го разбираат ова“.
Како резултат на тоа, се чини дека високи кинески функционери биле оставени во информативен мрак.
„ЦДЦ делуваше млако, претпоставувајќи дека сè е во ред“, рекол еден државен здравствен експерт, кој одбил да биде именуван од страв од одмазда. „Ако се активиравме недела-две порано, работите можеше да бидат многу поинакви“.
И не било само во Вухан. Во Шенжен во јужна Кина, стотици километри од Вухан, тим предводен од микробиологот Јуен Квок-јунг со сопствени тест комплети на 12 јануари потврдил дека шест члена на семејство од седуммина го имаат вирусот. Во интервју за Каиксин, угледен кинески финансиски магазин, Јуен рече дека ги информирал разграноците на ЦДЦ „на сите нивоа“, вклучувајќи го и Пекинг. Но во внатрешните бројки на ЦДЦ го немало извештајот на Јуен, покажуваат билтените.
Кога беше пријавен случајот на Тајланд, здравствените власти конечно изработија внатрешен план за систематско идентификување, изолирање, тестирање и лекување на сите случаи на новиот коронавирус на национално ниво.
Бројот на случаите во Вухан веднаш почна да се искачува – 4 на 17 јануари, потоа 17 следниот ден и 136 денот по него. Низ целата земја почнаа да испливуваат десетици случаи, некогаш и кај пациенти што биле заразени претходно, но сè уште не биле тестирани. На пример, човек хоспитализиран на 4 јануари бил изолиран дури на 17 јануари, а позитивно потврден со тест на 21 јануари. Во Шенжен пациентите што Јуен ги открил на 12 јануари конечно биле регистрирани како потврдени случаи на 19 јануари.
Елитната Пекиншка медицинска универзитетска болница на 18 јануари одржала итен состанок на кој му наредила на персоналот да воведе строга изолација – уште пред јавното предупредување од Си. Една здравствена експертка за АП изјавила дека на 19 јануари посетила болница изградена по избувнувањето на САРС, каде што медицинските работници фуриозно подготвиле цела зграда со стотици кревети за пациенти со пневмонија.
„Сите во земјата што работат на областа на заразните болести знаеја дека нешто се случува“, рече таа, одбивајќи да биде именувана за да не ѝ се нарушат деликатните консултации со владата. „Тие го очекуваа тоа“.