Кој може нека плаќа сметки, кој не може ќе се раздолжува на рати …

Додека трае вонредната ситуација поради коронавирусот, граѓаните што немаат платено сметки нема да бидат исклучувани од струја, парно и вода. Од Регулаторна комисија за енергетика апелираат граѓаните кои примаат плата да си ги плаќаат сметките заради одржување на ликвидноста на компаниите, а оние кои нема да можат тоа да го прават, за нив, по завршувањето на кризнава состојба ќе им биде овозможено да ги подмират обврските на рати

Додека трае вонредната ситуација поради коронавирусот, граѓаните што немаат платено сметки нема да бидат исклучувани од струја, парно и вода.

Од енергетските компании и комуналните јавни претпријатија за весникот ВЕЧЕР потврдија дека ќе ги почитуваат препораките на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и ќе се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи поради неплатени сметки.

– Граѓаните да бидат сигурни дека нема да има исклучување од струја, парно и вода додека вонредната состојба е на сила. Компаниите и јавните претпријатија чие работење е под надлежност на РКЕ веднаш позитивно одговорија на препораката и во овој период покажуваат солидарност и општествена одговорност кон потрошувачите – вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој напомена дека РКЕ е во разговори со компаниите да се изнајде најдобар модел за плаќање на сметките за режиски трошоци за март, април и мај сè со цел да не им бидат на товар на потрошувачите. Но, исто така потсети дека веќе е забележливо оти има намалување на плаќањето на сметките од страна на граѓаните, што според него, е очекувано во вонредни услови кога фирмите отежнато работат, а некои и воопшто не работат.

Намалена наплатата на сметките

ВЕЧЕР ги контактираше ЕВН Македонија, Балкан Енерџи Груп, Телеком, ЈП „Водовод и канализација“ и ЈП “Комунална хигиена“ и ги праша како вонредните услови се одразуваат врз нивното работење.

– Сосема е нормално во моментов кога се бориме со пандемијата, додека се на сила вонредните мерки и кога поголемиот дел од компаниите отежнато или воопшто не работат и голем број граѓани и наши корисници работат во вонредни услови, да има намалување на наплатата. Енергетскиот систем е комплексен и сите енергетски компании се врзани во круг. Ако наплатата е намалена тоа влијае на плаќањето на електричната енергија која ЕВН ја купува од државниот производител и од други, влијае на плаќањето за преносот на истата преку државниот Преносен систем оператор и воопшто одржувањето на енергетскиот систем. Доколку нема наплата, целиот ланец ќе трпи загуби како енергетските компаниите кои учествуваат во цената, така и компаниите соработници кои го одржуваат системот. Дел од сметката за потрошена електрична енергија е и Данокот на додадена вредност кој е важно да се плаќа за да функционира државниот систем – одговорија од ЕВН Македонија.

Во моментов ЕВН не исклучува поради неплатени сметки, но оттаму велат дека се разгледуваат начините како да им се помогне на граѓаните да си го подмират долгот.

– Сега е најважно да се спречи ширењето на вирусот и да се спасат човечки животи. Се разгледуваат начините како да се помогне со плаќање на рати на долгот за електрична енергија за социјалните случаи, корисниците кои ги изгубиле работните места и оние што не добиваат никаков надомест, односно најпогодените од кризата – истакнуваат од ЕВН.

Потрошувачите кои од претходно беа исклучени заради неплатени сметки за електрична енергија повторно се приклучени на мрежата. Што се однесува до барањето на граѓаните да се воведе евтина тарифа преку цел ден, според Бислимоски тоа е неизводливо од економски аспект.

– Нашата анализа покажува дека доколку се воведе евтина тарифа за електрична енергија во текот на целиот ден за едно просечно семејство трошоците би се намалиле за 400 денари на месечно ниво, а вкупниот трошок за воведувањето на евтина тарифа би изнесувал 5,5 милиони евра месечно – прецизира Бислимоски.

По кризата сметките ќе се плаќаат на рати

Од топлификационата компанија „БЕГ – Снабдување“ ни рекоа дека во изминатиот период, поради актуелната состојба со коронавирусот (ковид-19), имаше мали отстапувања на наплатата од планираните за месец март.

– Ја следиме состојбата со наплатата и доколку има потреба ќе преземеме мерки во соработка со Регулаторната комисија за енергетика, за што дополнително ќе ја известиме јавноста – се вели во кусиот одговор од „БЕГ – Снабдување“.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје велат дека сè уште немаат направено пресек за тоа каква е наплатата за месец март откако почна кај нас кризата со коронавирусот.

– Речиси помина само еден месец откако започна кризата. Сега ги праќаме сметките за месец март. Отприлика за 20 дена ќе видиме како стојат работите во однос на тоа – велат од „Водовод и канализација“.

Оттаму потенцираат дека граѓаните и пред кризата имале можност да склучат договор, заостанатиот долг да го плаќаат на рати, со камата. Според надлежните од претпријатието, планираат кога ќе се смири пандемијата од коронавирусот да спроведат акција, каква што имаше минатата година, заостанатиот долг граѓаните да го плаќаат на рати, но без камата.

– Доколку граѓаните имаат можност редовно да ги плаќаат сметките, тоа да го сторат бидејќи претпријатието самото се финансира и немаме надворешна помош, а и треба редовно да ги исплаќаме своите обврски кон вработените и добавувачите – нагласуваат од ЈП „Водовод и канализација“ и апелираат до граѓаните, поради настанатата ситуација, сметките да се плаќаат по електронски пат за да се избегне близок контакт.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“, велат дека имаат драстично намалување на наплатата на сметките, но иако живеат од тоа, засега не планираат да воведат посебни мерки.

– Поради измените во Законот за извршување од страна на Владата, одредени категории на граѓани се ослободени од плаќање на ѓубретарина, односно комуналните давачки. А работите дополнително се влошуваат со коронавирусот. Ние и понатаму продолжуваме да работиме сега со двојно зголемен обем на нашите активности и спроведуваме низа вонредни акции со цел хигиената во градот да се подигне на највисоко можно ниво – објасни портпаролката на ЈП „Комунална хигиена“, Ана Марија Бранѓолица.

Инаку, Бислимоски ги пофали пензионерите, кои, како што рече, веднаш по добивањето на пензијата, која беше дадена малку порано, почнаа да ги плаќаат своите сметки.

– Според информациите што ги имаме од компаниите делумно проблемот со ликвидноста е надминат во овој период кога се добиени пензиите. Редовно да си ги подмируваат сметките очекуваме и од администрацијата и од граѓаните кои не се погодени од оваа криза – изјави Бислимоски.

Од Македонски телеком информираа дека ја следат состојбата и во услови на прогласена пандемија во државата им излегуваат во пресрет на корисниците за плаќање на сметките за комуникациски услуги.

– Препорачуваме редовно плаќање на сметките, а во исклучителни ситуации, корисниците може да нѐ контактираат на контакт-центарот 120 за приватни и 122 за деловни корисници. Македонски Телеком нормално функционира и во вакви вонредни услови и ги презема сите неопходни чекори да се одржи капацитетот на мрежата и интернет пристапот беспрекорни, во време кога интернетот е повеќе од потребен за да останеме поврзани. Во таа насока, обезбедивме и дополнителни вредности: 10 ГБ мобилен интернет за сите приватни и деловни постпејд корисници, зголемување на пакетите за фиксен интернет и преку 50 ТВ-канали, велат од Телеком и потсетуваат дека корисниците во периодот на вонредната состојба, ќе ги добиваат сметките електронски, заедно со насоки за брзо и едноставно електронско плаќање.

- Реклама -