Специјални „пасоши“ за излечените од коронавирус за да можат да се движат и да работат?

„Имунитетски пасоши“ – тоа е едно од решенијата што британските научници и политичари ги разгледуваат за да им се овозможи на клучните работници кои го имале коронавирусот да се вратат на работа што побрзо.

Истражувачите во Германија во моментов подготвуваат масовна студија за тоа колку луѓе веќе се имуни на коронавирусот, а тоа, со тек на време, би им овозможило на властите да издаваат пасоши со кои имуните работници ќе бидат исклучени од рестриктивните мерки кои моментално се во сила со цел спречување на ширењето на Ковид-19, пренесува „Гардијан“.

Студијата, за која сѐ уште не е финализирано финансирањето, ќе вклучува тестирање за антитела во крвта на повеќе од 100.000 волонтери, почнувајќи од средината на април. Тестирањата потоа ќе бидат повторувани на регуларни интервали на сѐ поголем примерок од населението, со цел да се следи прогресот на пандемијата.

 

Резултатите од германската студија, организирана од главното здравствено тело – институтот „Роберт Кох“, како и германскиот Центар за истражување на заразни болести и Институтот за вирологија во Берлин, ќе понуди подобар увид за полесна одлука за тоа кога е безбедно да бидат реотворени училиштата и луѓето да се вратат на работа.

„Тие кои се имуни можат да добијат вид на вакцинациски пасош кој, на пример, би им овозможил да бидат исклучени од рестрикциите на нивните активности“, вели Герард Крусе – директор на епидемиологија во Центарот за истражување на заразни болести. Германската влада засега сѐ уште нема официјален коментар за таквиот вид на предложен сертификат.

Д-р Филипа Витфорд – пратеничка во британскиот парламент, поранешен хирург и член на парламентарната комисија за вакцинација, вели дека такви имунитетски пасоши би можеле да им бидат издавани на клучните работници во здравството во Велика Британија, но се сомнева дека ќе биде тешко да се издаваат и во другите сфери, поради нивото на администрација што ќе биде потребно тоа да се имплементира.

Витфорд истакнува и дека временскиот период во кој некој што го прележал Ковид-19 има имунитет кон коронавирусот е сѐ уште непознат. Пациенти заразени од САРС, на пример, кој исто така е вирус од корона семејството, немаат долгорочен имунитет – потенцијално само до една година по заразата.

Според професорот Питер Опеншо – член на новото владино советодавно тело за закани од нови респираторни вируси, смета дека луѓето кои закрепнале и се позитивни за антитела на коронавирусот, не би требало веќе да се заразни и се очекува барем до одреден степен да имаат имунитет на вирусот. Во најлош случај, истакнува тој, а врз основа на она што е познато околу имунитетот на корона вируси кои ги предизвикуваат честите настинки, пациентите би имале барем делумен отпор во период од три месеци.

Сепак, тој не ја исклучува и можноста дека коронавирусот (Ковид-19) предизвикува силна имунитетска реакција која би резултирала со заштита која трае многу подолго, можеби година или дури и 5 години. „Но, во моментов не знаеме, бидејќи е нов вирус“, вели Опеншо.

Според него, имунитетски пасоши би биле „разумна привремена мерка“, но само ако луѓето на кои ќе им бидат издадени такви бидат под внимателен надзор за да се осигура дека нема да се реинфицираат.

„При мониторингот што ќе следува, ќе биде многу важно да се одреди дали луѓето што се враќаат во нормална циркулација се всушност и фактички заштитени“, истакнува тој.

Од друга страна, нејасно е дали милионите тестови за антитела што британската влада ги нареди ќе бидат доволно софистицирани за да откријат до кој степен достигнува имунитетот на лицето, наместо едноставно да вратат позитивни или негативни резултати за присуството на антитела, посочува „Гардијан“.

Мерка како „имунитетски пасоши“ би можела да има и одредени негативни ефекти во општеството, мотивирајќи одредени групи, како младите кои сѐ повеќе тонат во долгови и не можат да најдат работа, активно да се заразуваат со вирусот со надеж дека ќе го прележат и потоа ќе можат да се вратат на работа откако ќе им биде издаден пасош, во услови на потенцијално помала конкуренција.

Сепак, Опеншо потенцира дека такво однесување во овој момент би можело да биде животозагрозувачко и е категоричен дека карантинските мерки на владата е строго непрепорачано.

 

- Реклама -