Вкупно трите дена од изминатава недела во кои Италија забележа „намалување“ на бројот на смртни случаи во 24 часа беа доволни дел од медиумите да излезат со наслови со „надеж за ближење на крајот на епидемијата“ со коронавирус во земјата, но само за да бидат експресно демантирани од бројките во последниве денови, кои повторно надминуваат 700 дневно.
Денеска, пак, Италија, за жал, постави нов, и тоа трагично убедлив рекорд. Вкупниот број на починати од Ковид-19 се искачи на 9.134 луѓе, од кои само во последните 24 часа починаа 919 лица, најмногу од почетокот на епидемијата. (Во медиумите можеше да се прочита и бројка од 969, но како што пренесува Ал Џезира, 50 од нив всушност биле случаи од претходниот ден, за кои доцна стигнало известувањето, па се вклучени во денешниот).
Претходно најцpн ден беше 21 март, со 793 починати за 24 часа. Вчера, пак, таа бројка изнесуваше 712.
И бројот на новозаразени продолжува со сличен ритам како во изминативе денови, па во последните 24 часа се регистирани 5.909 новодијагностицирани.
Вкупно 10.950 луѓе се хоспитализирани во болниците во земјата. 3.732 се на интензивна нега.
Ломбардија останува во најтешка ситуација. Од овој регион се 541 од починатите во последните 24 часа.
Починати во 24 часа, по денови (според Worldometers.info):
• 21 март: 793
• 22 март: 651
• 23 март: 601
• 24 март: 743
• 25 март: 683
• 26 март: 712
• 27 март: 919
Новозаразени во 24 часа, по денови:
• 21 март: 6557
• 22 март: 5560
• 23 март: 4789
• 24 март: 5249
• 25 март: 5210
• 26 март: 6203
• 27 март: 5909
„Пикот не е поминат, не е ниту достигнат“
И покрај ваквите бројки, Италија сѐ уште го нема достигнато, а уште помалку поминато пикот, изјави денеска шефот на Националниот здравствен институт Силвио Брусаферо.
Сепак, тој истакна дека има знаци на забавување на растот на бројот на новозаразени, што може да значи дека пикот не е далеку и дека наскоро може да дојде до тренд на опаѓање.