Банско во карантин, има ли македонски туристи

Во хотелите во Банско во моментов престојуваат 200 странски туристи, но нема податок дали меѓу нив има и македонски. Од понеделникот напладне до вчераутро вкупно 1.331 македонски граѓани излегле од земјата.

Bulgarien Flughafen Sofia | Übung für Coronavirus-Fall (BGNES)
Бугарскиот зимски туристички центар, Банско, кој е омилена дестинација на Македонците, од 19 часот синоќа е под целосен карантин, јавија бугарските медиуми. На сите три влеза во градот се поставени контролни пунктови, на кои покрај полицијата се присустни и санитарни инспектори опремени со заштитна облека и маски. Одлуката да се изолира ова гратче ја донел бугарскиот Национален оперативен штаб за борба со коронавирусот. Како што јавуваат бугарските медиуми, на синоќешниот вонреден брифинг генерал-мајор Венцислав Мутафчиски, кој е и началник на Националниот оперативен штаб, објавил дека вкупниот број на заразени со опасната болест во Бугарија достигнал 81 лице, а тројца од нив биле од Банско. Станувало збор за лица кои се занимаваат со активности поврзани со туризмот.

„Во Банско забележуваме загрижувачка тенденција за зголемување на болеста. Зимските одморалишта се исклучително опасно место за ширење на коронавирусот“, изјавил Мутафчиски, по што се објавени серија мерки кои ќе се спроведат во Банско и ќе траат во наредните две недели.

Затекнати 200 странски туристи

Бугарските власти објавија дека во моментов во хотелите на територијата на Банско престојуваат 200 странски туристи. Грижата во моментов е насочена кон поголема група на британски туристи кои прво престојувале во Банско, а дел од нив (80) потоа се сместиле и во хотел во Софија. Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, ги критикуваше таквите туристички аранжмани во екот на справувањето со коронавирусот.

„Мислите ли дека е пријатно да се затвори еден град како Банско? Туристичките агенции си дозволија да ни донесат толку туристи во овој период, а во исто време дел од нив ги донесоа и во хотел во Софија. Не беше доволно да се зарази Банско, туку сега и Софија. Сега целиот хотел е блокиран и во карантин“, изјави Борисов.

Оние туристи кои се затекнале во Банско имаат можност да заминат од градот.

„Веќе контактиравме со амбасадорите на земјите од каде се туристите. Нивните граѓани ќе можат да го напуштат градот во рок од 24 часа. Сите други ќе бидат во карантин”, изјавила министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Во моментов нема официјален податок дали во Банско има и македонски туристи, но таа можност не е исклучена.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на социјалните мрежи објави фрапантна бројка: само од понеделникот напладне до утрото во вторник, вкупно 1.331 лице заминале од земјата и покрај апелите да останат дома и да се воздржат од патување без нужна причина. Димитров напиша дека не сака да навлегува во мотивите, затоа што можеби овие патувања биле нужни, но уште еднаш предупреди на алармантната состојба насекаде.

„Државите спуштаат рампи, се затвораат аеродроми, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа. Имаме граѓани по разни аеродроми, со откажани летови. Имаме луѓе со коли во колони во Словенија, во Австрија, во Хрватска … Пуштаме дипломатски ноти со лични податоци на нашите граѓани врз основа на нивните телефонски разговори со кризниот тим во МНР. Некои конзуларни барања успеваат, некои не. Ние имаме контрола само врз македонските граници. Ние не ги контролираме границите на други држави. Не можеме да гарантираме дека ќе можете да си дојдете дома тогаш кога сте планирале. Истовремено, секое патување драстично го зголемува ризикот по здравјето не само за вас и за вашето семејство, туку за целата нација. Драги граѓани, повторувам. Не патувајте!“, порача Димитров.

Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov (Imago/A. Parsons)
Министерот за надворешни работи Никола Димитров на социјалните мрежи објави фрапантна бројка: само од понеделникот напладне до утрото во вторник, вкупно 1.331 лице заминале од земјата

Две недели во карантин

Од синоќа целосно е забрането влегување и излегување од Банско, со исклучок за вработените во здравствени инспекции, полицијата и медицинските специјалисти. Жителите на Банско кои од вчера не се градот, можат да се вратат таму до вечерва во 20 часот. Дејноста ќе можат да ја вршат само здравствените установи, аптеките, продавниците за храна, бензинските станици и банките, но со строго почитување на санитарно-хигиенските процедури: дезинфекција, проветрување, инструции за лична хигиена на персоналот и недозволување во работниот процес да учествуваат вработени со симптоми на зараза. Сместувачките капацитети можат да продолжат да работат само доколку во моментот сѐ уште имаат гости, но во строга согласност со санитарните и хигиенските услови.

Ширењето на коронависусот, исто како и во другите земји, е закана и за бугарската економија. Бугарскиот премиер предупреди дека популистичките мерки не се решение.

„Имаме резерва, но собраните пари лесни се трошат. Добриот домаќин сака да го заштити семејството. А семејството е Бугарија. Ние веќе влегуваме во дефицит. Многу е слатко да излезеш и да се кажеш: Дајте сè да ослободиме од даноци, од плаќања. Тоа е популизам. Можеме веднаш да земеме крадит од 10 милијарди лева и да ги раздадеме, но ако кризата продолжи, кој ќе ги плати сметките? Сакам да ја сочуваме нашата земја. Не знаеме колку ќе трае оваа криза и какви ќе бидат нејзините последици“, изјави Борисов, додавајќи дека е многу важно да не се блокира производството.

Дојче веле

- Реклама -