„Слободен печат“: Филипче не ги загуби нервите дури ни кога го прашаа дали да се реновира по дома

Како што пишува „Слободен печат“, а е евидентно за сите кои редовно ги следат прес-конференциите на министерот за здравство во однос на коронавирусот, Филипче редовно добива новинарски прашања кои баш и немаат врска со неговите надлежности, но и такви што не би требало воопшто да бидат поставени, бидејќи со оглед на ситуацијата во светот (потсетување: глобална пaндeмија) и секојдневните апели и мерки на Владата и Министерството за здравство, одговорите досега би требало да бидат и повеќе од јасни.

Но, ете, Филипче секојдневно добива прилики уште еднаш да ги демонстрира дeбeлите нерви, а таква не изостана ни на денешниот прес.

Така, на денешната прес конференција, на која Филипче упати мошне сериозни пораки, едно од новинарските прашања беше поврзано со домашно реновирање:

„Со оглед на тоа што сега почнува онаа сезона за реновирање по дома, за луѓето да можат да планираат, сепак тоа не е процес што може да заврши за ден два, дали воопшто да почнат со реновирање бидејќи влегуваат мајстори?“, праша новинарот.

Филипче, откако потроши неколку милисекунди да се соземе од прашањето и да го подголтне разочарувањето (а можеби и да ги преиспита своите напори, па и смислата на постоењето), одговори:

„Нека седат сега дома, има време за реновирање“.

- Реклама -