Србија ја вади војската на улиците, се најавува вонредна состојба поради коронавирусот

Претседателот на Србија Александар Вучиќ утре ќе донесе одлука дали ќе прогласи вонредна состојба, јавува агенцијата Танјуг.

Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, во интервју за телевизијата Прва изјавил дека се очекува претседателот на државата да реши како и на кој начин ќе ги искористи своите овластувања и ќе ги стави сите служби во функција на животот и здравјето на граѓаните, вклучувајќи ја и војската.

Агенцијата Танјуг јавува дека одлуката Вучиќ ќе ја донесе утре, откако денеска не ја исклучи можноста од воведување вонредна состојба.

„Вонредна состојба се воведува доколку министерот за одбрана му упати писмо на врховниот командант во кое го информира дека е загрозена безбедноста на државата. Одлуката заедно ќе ја донесат Владата, Собранието и Претседателот. Вонредната состојба значи дека веќе нема кафулиња, барови, кина, театри, туку војска на улиците“, изјави Вучиќ.

Вонредната состојба, според него, подрзабира воведување најригорозни мерки.

„Тоа значи потполна изолација“, вели тој.

До денеска во Србија се евидентирани 46 лица заразени со коронавирусот.

- Реклама -