7 вистини за посвојувањето кои треба да ги знаат сите оние кои сакаат да посвојат дете

Иако посвојувањето е добро прифатено во нашата држава, сепак постојат многу теми на кои не се разговара доволно. Па, доколку размислувате да посвоите дете или веќе сте го сториле тоа, тогаш погледнете ги следниве неколку вистини кои можат реално да ви покажат што треба да очекувате од целиот процес.

1. Кога ќе почнете да размислувате за посвојување, најважно е да тргнете од себе, своите очекувања, стравови и двоумења
Обидете се да си одговорите на прашањето зошто сакате да посвоите дете. Преку разговори, вие треба одново да се запознаете себеси и својот партнер бидејќи носите една од најважните одлуки во вашиот живот. Исто така многу е важно да се опколите со луѓе кои можат да ве послушаат, разберат или имале слично искуство како вашето.

2. Важно е да бидете храбри, истрајни, добро подготвени и информирани
Посвојувањето е регулирано со Законот за семејството каде што интересот на детето е секогаш ставен на прво место. Во постапката за посвојување се проценуваат особините и компетенцијата на посвоителите во однос на добросостојбата на детето. Таа започнува со поднесување барање за посвојување до Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика, но пред да го преземете овој чекор, најпрво размислете какви се вашите одлики како родител, како сакате да го поминувате вашето слободно време и како би можеле да бидете најдобри родители.

3. Првата помисла на поголемиот дел од паровите кои размислуваат за посвојување е желбата да бидат родители на мало дете (по можност новороденче), кое е здраво, весело, мило и кое личи на нив
Но, вие мора да знаете дека оние деца кои се дадени за посвојување доаѓаат од семејства кои поради различни причини не можеле одговорно да се грижат за нив. Тоа значи дека и секое од овие деца зад себе веќе имало историја која помалку или повеќе оставила траг врз нив. Исто така постојат голем број деца кои немале можност да бидат посвоени како новороденчиња, деца кои можеби имаат поголеми или помали развојни потешкотии, деца од различна етничка припадност и со браќа или сестри. Бидете подготвени и отворени за сите можности, но задржете ги оние граници кои вие сметате дека се важни. Којзнае, може ќе откриете дека вашите граници се многу пошироки отколку што претходно сте можеле да замислите.

4. Кога ќе станете родители, покрај сите прекрасни ситуации и чувства кои тој однос ги носи, доаѓаат и одредени потешкотии, предизвици и одговорности
На овој начин почнува процесот на вистинското запознавање, градење доверба, поставување и препознавање граници (ваши и на вашето дете), градење идентитет како семејство со сопствени обичаи и ритуали… Пристапете на овие нешта со многу трпение и дајте си доволно време за да можете вистински да станете семејство.

5. Да се биде мајка или татко, меѓу другото значи и дека треба да изградите силна емоционална поврзаност со вашето дете
Приврзаноста е силна емоционална врска која детето ја создава со личноста која се грижи за него. Таа претставува чувство на сигурност и доверба, која е темел за создавање здрав однос. Децата кои се оставени на посвојување често не градат сигурна приврзаност или ги изгубиле оние со кои биле врзани, но тоа не значи дека вие не можете одново да ги научите да веруваат со помош на љубовта и поддршката.

6. Не ја кријте вистината дека вашето дете е родено во друго семејство и одреден дел од својот живот го поминало во дом за деца
Не го кријте овој дел од неговиот живот, дури и ако посвојувањето се случило во рана доба. Вие имате одговорност да му ја пренесете оваа приказна, на начин прилагоден за возраста на детето и постепено да ја вклучувате во сложувалката која го претставува неговиот идентитет. Исто така не заборавајте да му кажете дека и покрај тоа што доаѓа од други родители, тоа засекогаш ќе биде ваше. Уверете го дека тоа е вашиот свет, исто како да сте му биолошки родители.

7. Не можете да ги избегнете проблемите, тешките моменти, грешките, сомнежите во себе…
Како и секој друг родител, така и вие без сомнение ќе налетате на тешки денови кога нештата нема да бидат онака како што сте ги замислувале. Ако тоа се случи, вклучете се во здружение кое овозможува поддршка по посвојувањето и едукација за родителите. Од друга страна, можете да откриете кој друг во ваша близина посвоил дете и да поминете малку време со нив со цел да дознаете како тие се снаоѓаат во оваа улога. И најважно од сè, редовно разговарајте со најблиските за да можете секојдневно да се подобрувате како родители.

- Реклама -