ЗА КУПЕНО ПОЛОВНО ВОЗИЛО ВО СТРАНСТВО: Важи ли гаранцијата во Македонија и под кои услови

Се обидовме да добиеме одговор од македонските импортери на возила во однос на овие прашања. Најчестите одговори се дека сите возила што имаат европска гаранција, додека таа трае истата ќе важи и на територијата на Македонија. Гаранцијата се поврзува со автомобил, а не со сопственик.

Купувањето на половни возила во странство кои се уште имаат фабричка гаранција не е ретка појава, па многумина кои се на таквото размислување се во дилема! Дали со купувањето и транспортирањето на таквото возило во Македонија ќе ја добијат и гаранцијата? Дали ќе им важи и дополнителната гаранција што претходниот сопственик ја купил? Што треба да направат при увоз на вакво возило. Најчесто возила се купуваат во земјите од ЕУ, но што е доколку увезете автомобил од земја што не е членка на ЕУ? Што во тој случај со гаранцијата? Важи ли таа во Македонија. Што е со дополнителната гаранција што сопственикот ја купил?

Ако купите Citroen кој има дополнителна гаранција, истата важи и во Македонија. За купе Ford или Hyundai можете и тука да си докупите гаранција во зависност од состојбата на возилото. Може ли заинтересиран купец на половно возило од странство кое што е се уште под гаранција да го провери истото во однос на редовните поправки и сервисно одржување (дали имал поголеми кварови и какви). И дали за ова се плаќа нешто дополнително? Ако се аработи за Citroen, делумно може да се види она што е евидентирано во системот на производителот, меѓутоа целосна/детален преглед има само дилерот/импортерот каде што е сервисирано/купено возилото. Сепак, оваа информации се сметаат за доверливи и според законот за заштита на податоци за сопственикот и возилото истите не се споделуваат јавно.

Ford, Hyudai…

Според увозникот за возилата на Ford и на Hyundai во Македонија, Ми-Да Гранд Моторс, при купување на половно возило во странство (во ЕУ) ако исото има се уште валидна гаранција истата важи и во Македонија доколку се испочитувани целосно условите за гаранцијата што се наведени во гаранциската книшка. Доколку купеното возило не е покриено со европска гаранција истото нема да подлежи под гаранција ниту во Македонија.

Гаранцијата на Ford возилата на територија на ЕУ важи 2 години без ограничување на км. доколку се почитувани правилата на гаранцијата а Ми-Да Гранд Моторс дава продолжена гаранција дополнителни 3 години за Македонскиот пазар. За Hyundai фабричката гаранција е 5 години додека Ми-Да Гранд Моторс дава дополнителни 2 години. Во однос на гаранцијата доколку купеното возило во странство е се уште во гарантниот рок нема потреба од никакви интервенции, сепак добро би било сопственикот да дојде во овластениот сервис да се провери во централниот систем од која дата е започната гаранцијата.

Сопственикот што го увезол возилото во Македонија, и истото се уште има фабричка гаранција, може да купи некоја дополнителна гаранција тука. Односно да си докупи, или да користи некои од дополнителните поволности што ги нудите за возилата купени тука. Тоа ќе зависи од состјбата на возилото, изминатите километри и тоа е возможно во договор со импортерот.

FCA

Во однос на возилата од FCA ( Fiat Chrysler Automobiles), a тука спаѓаат: Alfa Romeo, Chrysler, Dodge, Fiat, Lancia, Jeep, Ram, при купување на половно возило во странство што е под гаранција истата продолжува да важи и во Македонија кога ќе го донесете возилото. Фабрикачата гаранција е 2 години. Кога ќе увезете вакво возило нема потреба да го пријавувате тука кај овластениот импортер. Нема разлика дали е земјата на увоз е ЕУ или не, Единствената клучна разлика е: дали е возилото произведено и наменето за ЕУ пазарот. Доколку се работи за гаранција купена од производителот (FCA – Mopar), истата важи и во нашата земја. Доколку е гаранцијата е купена од друга компанија, тогаш важат условите на компанијта продавач на услугата. Нема да можете да си купите дополнителна гаранција во Македонија од домашниот импортер.

Citroen

За купено половно возило во странство и донесено во Македонија, гаранцијата на возилото, без разлика каде е продадено е важечка и во Македонија. Основната фабричка гаранција е во траење од две години без ограничување на бројот на изминати километри. Ако купите Citroen и во увезете тука се препорачува посета на овластениот ипортер. Гаранцијата е поврзана со возилото, не со сопственикот. Новиот сопственик би требало да се обрати во некој од овласетните сервиси или кај импортерот со цел да промената на сопственост се регистрира и кај производителот а со цел водење евиденција каде се наоѓа возилото.

Гаранцијата на возилото без разлика каде е продадено доколку е важечка кај производителот истата е важечка и во Македонија. Доколку возилото има дополнителна гаранција од производителот истата е важечка во Македонија. За возилото може да се купи дополнителна гаранција или да се користи дополнителна поволност (асистенција на пат) но прво новиот сопоственик е потребно да се обрати во некој од овласетните сервиси или кај импортерот со цел промената на сопственост да се регистрира и кај производителот а со цел водење евиденција каде се наоѓа возилото, а со тоа и земјата на одговорност за конкретното возило.

BMW, Mini

За моделите на BMW и на Mini, фабричката гаранција важи се до нејзиниот истек и истата важи и во Македонија. Фабричката гаранција трае 2 години (неограничен број на километри), со можност за продолжување на една, две или три години. При увоз на половно возило што е под фабричка гаранција не треба ништо посебно да се прави. Гаранцијата е поврзана со самото возило и важи се до нејзиниот истек, со можност за продолжување. Фабричката гаранција не е поврзана со земјата од каде е увезено возилото.

Доколку сопственикот на возилото што го продал имал купено некоја дополнителна гаранција или некоја друга поволност, доколку се работи за оригинална BMW гаранција, истата е важечка. Друг тип на дополнителни гаранции не важат кај BMW и Mini. Сопственикот што го увезол возилото во Македонија, и истото се уште има фабричка гаранција, може да се докупи фабричка гаранција, но само доколку возилото е сеуште под гаранција.

Заинтересиран купец на половно возило од странство кое што е се уште под гаранција неможе да го провери истото во однос на редовните поправки и сервисно одржување (дали имал поголеми кварови и какви). Бараните информации не се достапни во системот на BMW. Единствено што може да се понуди е општа контрола каде ќе се утврди моменталната состојба на возилото.

VW, Seat, Audi, Skoda

Доколку сте купиле возило од овој бренд тогаш деталите за гаранцијата ќе ги добиете во Порше Македонија.

Ова е официјалниот одговор од компанија на нашите прашања: “Поради специфичноста на различните брендови кои ги застапуваме и различните гарантни услови кои се достапни, клиентите најпрецизен одговор можат да добијат од одделот за пост-продажба на Порше Македонија.”

Извор: 24auto.mk

- Реклама -