Колумна на Ерол Ризаов за „Дојче веле“
Феноменот Заев
Зоран Заев е најатипичниот македонски политичар и најнеобичен премиер кој се појавил на македонската политичка сцена од независноста до денес. Заев, не припаѓа на редот македонски политички лидери на левицата, ни малку не е налик на Киро Глигоров, на Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска…
Ја нема нивната внимателност и одмереност во јавните настапи и изјави, ја нема нивната претпазливост и страв од последиците на избрзани и погрешни проценки и одлуки, типична за социјалдемократите: трипати мери, еднаш сечи, па колку и да е времето скапо и пропуштен одлучувачки фактор. Дури и неговата социјалдемократска идеологија во добар дел е под знак прашање.
Заев го нема интелектуалниот капацитет не само на наброените погоре партиски лидери, туку и на повеќе десетици министри, универзитетски професори, идеолози на социјалдемократите кои во изминатите 29 години беа во владите и во бројните институции на челни позиции во клучни ресори, многумина од нив одамна заборавени.
Признава грешки, не ѕида кули од карти
Зоран Заев ја нема ни жестокоста, ни аргументацијата во критиката и анализите на македонските политички и економски состојби на еден Петар Гошев, ниту пак е видлива неговата заложба за преземање на некаква историска улога во македонската транзиција. Далеку е од итроштината и одржливоста со девет животи на Стојан Андов. Неспоредлив е со примитивниот популизам и лажен патриотизам на лидерите од десницата – Никола Груевски и Христијан Мицкоски. Признава грешки, не ѕида кули од карти.
Па, во што е тогаш феноменот на Зоран Заев да успее да ги оствари најзначајните стратегиски цели и државни интереси за неполни три години, и и покрај болните компромиси и отстапки да ја донесе Северна Македонија до членство во НАТО и до најголема извесност за почеток на преговорите со ЕУ, за конечна припадност во европското семејство, што не му успеа ниту на еден македонски политичар, да ги направи реални изгледите за изградба на европска демократска просперитетна држава и за дефинитивно отстранување на опасноста од распаѓање и нејзина поделба, присутна во целиот период на најмачната и најдолга транзиција од сите земји на Балканот?
Се работи за „луда“ храброст и вродена прагматичност. Не може поинаку да се објаснат склучени и ратификувани во парламентот незамисливите, но одржливи договори со Грција за името на државата и за пријателство со Бугарија. Допрва ќе се вреднуваат правилно од непристрасни историчари успесите да се сочува името Македонија, јазикот и националната припадност и покрај тешките наслаги всадени во свеста на Македонците, на Бугарите и на Грците како никогаш несовладливи бариери вековно одржувани со омраза и непријателство… Целата колумна прочитајте ја ТУКА.