По една банана месечно јаде студент кој живее во дом

Годишно за секој студент кој живее во скопски студентски дом се наменети по девет килограми овошје месечно. Ако на пример, се земе предвид фактот дека за период од една година се купени 4.000 килограми банани, и ако ова количество се подели со бројот на студенти, изглегува дека секој студент јаде по 1,5 килограми банани годишно, односно по само една банана месечно. Ова го покажала анализата на јавните набавки во студентските домови која ја направи Младинскиот образовен форум (МОФ), со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, пренесе Мета.мк.

Во истражувањето учествувале 300 студенти од „Кузман Јосифовски Питу“, „Стив Наумов“ како и домот „Гоце Делчев“. На секој корисник на студентска менза, според добиените бројки, излегува дека му следувале околу 14 килограми свинско или говедско месо односно околу 1,5 килограм месо месечно. Студентите добиле овошен јогурт од два до три пати во годината, а согласно пакувањата на киселото млеко, произлегува дека на секој трет студент му следува по едно канче кисело млеко.

Целта на оваа анализа била да покаже дали буџетот што се издвојува за функционирање на студентските домови, ги задоволува потребите на студентите.

– Државниот студентски дом (ДСД) просечно располага со околу 3,5 милиони евра кои ги троши во текот на 10 месеци. Тие се наменети за услуги на студенти, за плати на вработените и за непречено функционирање на домовите. ДСД во периодот од 2015 – 2018 има склучено 193 договори со вкупна вредност од 274 милиони денари, а 67 од набавките се однесуваат на храна. Она што треба да се направи е да се зголемат средствата на овој центар, но одговорноста за ваквата состојба не треба да ја бараме само кај нив, туку и во институциите кои даваат пари. Потребна е поголема вклученост на Министерството за образование и наука (МОН) и на Владата кои треба да го става фокусот на студентските домови – вели Петар Барлаковски од МОФ.

Иако според правилниците на ДСД студентите живеат и се хранат во домовите 10 месеци, пресметките во ова истражување се правени за девет месеци бидејќи е земен предвид фактот дека најголем број од студентите во текот на првиот и последниот месец предвидени за домување (септември и јуни), не живеат 30 дена во домовите зашто немаат академски обврски во текот на цел тој период.

Освен што се потребни многу повеќе пари за подобрување на студентскиот стандард, во една од препораките на крајот од истражувањето стои и дека ДСД треба да се води согласно правилникот за исхрана донесен од МОН, а на студентите да им се овозможи да учествуваат во креирањето на менито за исхрана.

- Реклама -