По серијата највисоки меѓународни филмски признанија и номинациите за најпрестижното меѓу нив – „Оскар“, и тоа во две категории, Владата одлучи да им оддаде достојно признание на авторите и протагонистите на документарецот „Медена земја“ (Honeyland), објави премиерот Оливер Спасовски на својот Фејсбук профил.
Како што посочува Спасовски, за Атиџе Муратова и осумчленото семејство кое учествува во филмот ќе биде обезбедена материјална помош и домување, додека петчлената екипа која го сними филмот ќе добие признание за успехот и месечен материјален надомест.
Освен тоа, Владата ќе се погрижи и за широка афирмација на благородните пораки што ги пренесува филмот. Имено, Владата ќе поддржи организација на серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, како и организирано прикажување на филмот „Медена земја“ во сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.
Покрај ова, Владата ќе ги плати и патните трошоци за Атиџе и петчлената екипа на „Медена земја“ за на доделувањето на Оскарите.