Во почетокот на летото 1974 Тито требаше да дојде во официјална посета на Сојузна Република Германија. Меѓутоа, владата на Вили Брант, кој го покани, падна поради шпионската афера „Случајот Гијом“. На местото канцелар беше избран Шелмут Шмит, па претседателот на СФРЈ размислуваше дали да ја откаже или барем да ја одложи посетата.
Тито и Брант имаа одлични лични, пријателски односи. Шмит не го познаваше. За него кај нас се зборуваше дека е тврд, непријатен, вообразен човек. Но политичките и економските причини превагнаа, па на 12 јули 1974 година стигнавме во Бон – користам множина бидејќи бев дел од многубројната делегација, како преведувач.
Шмит предложи пред официјалниот состанок да поразговара со Тито во четири очи. Претставниците на двете делегации запрепастено гледаа како тие двајца заминуваат по скалите. По нив само јас. Застанав на вратата несигурен дали сум пожелен, но Тито ми мавна да влезам. Така бев сведок како ладниот Шмит правеше сè за да го шармира поранешниот партизански водач и во тоа комплетно успеа. Да напоменам, за време на Втората светска војна Шмит беше капетан на артилеријата на Хитлеровата војска, а Брант беше норвешки партизан.
Шмит рече дека функцијата канцелар е нешто ново за него и го замоли Тито да му објасни како се владее, што чита прво на сабајле, кој прв му реферира и за што, чии совети слуша, како донесува одлуки. Се однесуваше како млад занаетчија што го прашува искусниот мајстор за тајните на занаетот.
Југославија во 1952 година ја призна Сојузна Република Германија, меѓутоа дипломатските односи беа прекинати откако во 1957 година ја призна и Источна Германија. Врз основа на своите принципи Југославија ќе ја признаеше ГДР и порано, но по резолуцијата на Информбирото, во Источна Германија владееше антијугословенска хистерија. Тито, на пример, беше нарекуван „фашистичко куче пуштено од синџир“. Освен тоа, Валтер Улбрихт, шефот на Комунистичката партија во таа земја – кој практично владееше со земјата иако нејзин претседател формално беше Вилхелм Пик – го познаваше Тито од 30-тите години од хотелот Лукс во Москва. И уште оттогаш не се поднесуваа.
Тоа се гледаше и од начинот на кој си се ословуваа. Официјално го користеа вообичаеното „Другар претседателе“, но зад сцената Тито го ословуваше директно со Улбрихт, а овој него со Валтер, прекарот на Тито од Коминтерната. Подоцнежниот претседател на ГДР, Ерих Хонекер, кој беше многу помлад од Улбрихт, пред Тито се однесуваше речиси понизно, како учениче пред стар професор, а Тито кон него добродушно, малку од висина.
Посматрајќи ги средбите Тито – Брант, би рекол дека Тито го сакаше Брант, а обратно, повеќе се работеше за почит. Во своите мемоари Брант пишува: „И покрај сите негови особености што како да ги имаше преземено од феудализмот, многу го ценев, не само затоа што го признаваше мојот труд околу попуштањето на затегнатоста. Тито заслужуваше големо почитување прво поради својата храбра борба против окупаторот, потоа против Сталиновите обиди за подјармување, како и поради напорите да создаде модерна федерална држава, што беше во интерес на стабилноста на Медитеранот“.
Во својата книга „Германците и нивните соседи“, објавена во 1990 година, во која има многу мемоарски материјал, и Хелмут Шмит се осврнува на Титовиот начин на живот: „Живееше како некој кнез. Иако тоа баш не одговараше на моите претстави за социјализмот, немав чувство дека е тоа непримерено. Напротив, мислев дека сето тоа му припаѓа, бидејќи тој успеваше да направи големи работи“.
Целата статија на тука