Црна Гора ја елиминираше Србија од ЕП, Исланд славеше против светскиот шампион

Репрезентациите на Исланд и Црна Гора излегоа како победници против своите големи ривали Данска, односно Србија, што за двете селекции е прва победа на ова Европско ракометно првенство во машка конкуренција.

Шпанија пак рутински ја совлада Германија во натпревар кој не ги оправда очекувањата поради постојаното водство на „црвената фурија“.

Исланд ја победи Данска со 31:30, во неизвесен натпревар до самиот крај, во кој Микел Хансен постигна 9 голови, но и тоа не беше доволно за успех на Данците.

Победникот Исланд беше предводен од Арон Палмарсон кој постигна дури 10 погодоци на денешниот дуел.

Црна Гора со минимални 22:21 го совлада соседот Србија во дербито, што значи и елиминација на избраниците на Ненад Перуничиќ од ова Европско првенство.

Грбовиќ со 5 и Божовиќ со 4 голови беа најефикасни во победничката селекција, додека во српските редови најефикасни беа Кукиќ со 6 и Радивојевиќ со 5 голови.

Шпанија доминираше против Германија за конечни 33:26, а одлична партија имаше Алекс Душебаев кој постигна 7 голови од исто толку удари. Пекелер со 5 од 5 беше најдобар во германскиот состав, а капитенот Генсхајмер го заврши дуелот со четири погодоци.

- Реклама -