Мнозинството од граѓаните во Албанија и Косово се за обединување на двете држави, посебно во Албанија

Во случај на референдум, 74.8% од испитаниците во Албанија би гласале за обединување на Косово и Албанија. Во Косово тој процент е нешто помал – за обединување би гласале 63.9%, покажува истражувањето на косовската Фондација за отворено општество (КФОС) и Фондацијата Отворено општество за Албанија (ОСФА), пренесува „Локално“, повикувајќи се на агенцијата „Бета“.

И во двете држави, противењето на обединувањето посебно е изразено во урбаните области, а како главна причина преовладува мислењето дека двете држави функционираат подобро одделно.

Од друга страна, испитаниците наведуваат разни причини за обединувањето, а кај оние во Албанија кои сметаат дека тоа е можно, преовладува мислењето дека за неговото спроведување клучен фактор е меѓународната заедница. На Косово, пак, сметаат дека таквото сценарио би можеле да го спроведат само лидерите на двете држави.

Прочитајте и:  Курти - Мицкоски: Министрите за правда работат на решавање на екстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ

Во истражувањето, кое се однесува на поголем број прашања од интерес за двете држави, но со главен фокус на можноста за обединување, се покажува и дека по изградбата на автопатот Приштина-Драч значително се зголемени меѓусебните посети од граѓаните од двете држави, со тоа што граѓаните од Косово повеќе ја посетуваат Албанија отколку обратно.

 

- Реклама -