Уште на самиот почеток од соработката се скараа дополнителната заменик министерка и министерката за финансии. Едната обвинува за опструкции во работата, другата негира.
Гордана Димитриеска Кочоска, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е разочарана и загрижена што на вработените во министерството им било забрането да одговараат на нејзините мејлови и барања за увид во документацијата. Секој одговор наменет за неа требало претходно да биде одобрен од кабинетот на министерката.
“Втората работа што повеќе ме загрижува е фактот кога нешто се забранува сигурно има позадина за истото. Е сега, целта на криењето и извртувањето на податоците се гледа и во нивната нетранспарентност, односно кога сме нетранспарентни имаме за цел да прикриеме или извртиме некаква слика во однос на некои податоци. Нема да ги кочиме процесите, кажавме ќе бидеме коректни, ќе соработуваме, но нема да дозволиме злоупотреби за изборни цели”, вели Гордана Димитриеска Кочоска, дополнителна заменик министерка за финансии.
Според министерката Нина Ангеловска, нејзиниот ресор е пример за транспарентност и за неа ова е лажна вест, чија цел е политичко поентирање.
“Не треба да сте дополнителен заменик министер во Министерството за финансии за да ја видите секоја една трансакција, секој еден денар каде оди. Тоа е сега достапно за сите граѓани.
Вториот дел, на што сакам да укажам е лажната вест, која што и вчера ние ја демантиравме, дека не се работи за никаква забрана и дека обидот за мејл испратен од кабинет во кој што се содржи процедура за работа се претстави од страна на одредени медиуми како некаква си завера, за мене не е ништо повеќе освен политичко поентирање.”, вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.
Вистински предизвик за двете ќе биде кога за секое трошење буџетските пари ќе мора да има потпис и од министерката и од дополнителната заменичка. Во спротивно, налозите нема да се валидни.