„Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија“, вели претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, за Дојче веле.
Тој вели дека не е изненаден од ваквиот став на Бугарската академија на науки која усвои став дека македонскиот јазик е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“.
Ѓоргиев вели дека неговите бугарски колеги во разговорите во Комисијата избегнувале во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“, „македонска култура“. До неодамна, во записниците за работата на Комисијата се користеле термините „македонската страна“ и „бугарската страна“, но од последните два состанока во употреба бил друг термин: „историчарите од Република Северна Македонија“. Избегнувањето на придавката „македонски“ го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.
Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја од втората половина на 19. век до 1944 година, и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија“, вели Ѓоргиев.
Ако сме две земји со испреплетена историја, и ако Бугарија очекува да израснеме во однос на некои прашања од минатото, тогаш и Бугарите треба да исрасна во однос на прашања од сегашноста, вели Ѓоргиев за „Дојче веле“.