Ситуацијата во Шпанија е прилично комплицирана и нам ни преостанува само да чекаме да биде формирана влада што ќе го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО како последна од членките на НАТО. Бидејќи не зависи од нас, претседателот Стево Пендаровски во „24 Анализа“ на „ТВ24“ вели дека не треба ние да се врзуваме за тоа. Прашањето, според него, е дали ние ќе останеме без парламент кога ќе дојде редот Македонија да го ратификува протоколот.
„Тоа се правни дилеми за кои јас имам поинаков став од спикерот на Парламентот, меѓутоа, јас велам дај боже да дојдеме во ситуација кога од нашиот парламент ќе зависи. 20 дена е кампањата, и уште месец дена, еве го распуштаат Собранието во февруари, ќе го ратификуваме во втората половина на април, што е спорно?“, вели Пендаровски.
Прашан за предлогот на Мицкоски да се ратификува протоколот со одложено дејство, пред да се распушти Парламентот, а по примерот на Црна Гора, Пендаровски истакна дека меѓу истакнатите македонски правници со кои се консултирал, постои извесна дилема дали е тоа правно издржано. Тој посочи дека во примерот со Црна Гора се работело за уникатни политички причини поради кои земјата брзала да го зацементира протоколот, но додаде и дека во суштина нема против ако истото го направи и Македонија ако се согласат македонските политичари.
„Црна Гора имаше многу, многу специфични политички причини зошто го направи тоа. Не велам не, ако се договориме и ние ќе го направиме тоа, но стварно не мислам дека е пoтoп на светот ако ратификацијата ја направиме можеби 20 дена по изборите, кога ќе имаме и влада. Што е спорно…“, рече Пендаровски.