Повеќе од 40.000 вработени во државните институции на 14 декември ќе учествуваат во акцијата за чистење „Чистиме со Не биди ѓубре“ со што ќе се приклучат на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“.
Како што денеска објасни министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, чистењето ќе биде на повеќе локации во Скопје и во поголемите градови во државата.
Тој ги повика и локалната самоуправа и институциите на општините, да се приклучат на акцијата. На акцијата ќе се приклучи и Делегацијата на Европската Унија и амбасадорот, Самоел Жбогар.
Поради природата на работата, вработените од здравствениот и образовниот сектор, градинките, како и оние вработени чијашто природа на работата не дозволува отсуство од работа, ќе се приклучат на акцијата со тоа што ќе ја чистат околината на установите во коишто работат.
На овој начин, како што рече Манчевски, вработените ќе го надоместат неработењето на 2-ри јануари 2019, кој беше прогласен за неработен за државните институции. Акцијата на 14-ти декември ќе биде во периодот од 09:00 до 12:00 часот.