Архитектот Мирослав Грчев не негира дека за две и пол години добил 17.000 евра од Владата и Министерството за култура, како што објави „Фактор“, но тврди дека во таа сума нема ништо спорно.
Грчев добивал исплата на две основи – како координатор на работната група на Министерството за култура за справување со последиците од проектот Скопје 2014, и како советник на премиерот Заев за прашања од областа на урбанизмот и градежништвото. За првото, Грчев добивал по 10.000 денари месечно (како и останатите пет експерти членови во групата), а за советувањето на премиерот добивал по 40.000 денари месечно.
Сепак, како што вели Грчев за „Република“, сите овие пари се и повеќе од заработени. Тој објаснува дека во дадениот временски период тој и работната група сработиле 15-тина обемни елаборати и студии, а како советник на Заев, покрај другите обврски, ги изработил и Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, како и класификацијата и категоризација за видови градби, што е, вели, нешто што е за првпат направено во земјата.
„Тоа се огромни текстови и елаборати, за кои, еве да не зборувам за поранешните влади, ќе кажам за странските, се плаќаат по повеќе од 100 илјади евра за изработка на тие закони. Така што, за две и пол години сум одработил и 20 пати повеќе од вредноста колку што сум примил“, вели Грчев за „Република“.