Важното прашање не е дали Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец, туку тоа зошто заеднички го славиме, рече академикот Таки Фити во вечерашното гостување во „24 Тренд анализа“ на „ТВ24“.
„Делчев не е роден во Бугарија, туку во Кукуш. И да сакал да се декларирал како Македонец – не можел. Тогаш не постоела македонска држава. Но тоа не значи дека немал македонски чувства. Ние го сметаме Гоце како наш кој цел живот се борел за македонската кауза“, рече академикот.
Фити верува дека Бугарија нема да прави проблеми со преродбениците кои се Македонци, како Крсте Петков Мисирков, но очекува слични проблеми (како за Делчев) да имаме и со другите револуционери од македонската преродба.
„Тука е суштината на македонизамот и треба да бидеме тврди“, вели тој.