Макрон: Не ви нудам алтернатива, туку подобар процес, вие исполнивте сѐ што требаше

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Париз оствари средба со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон. На средбата двајцата размениле мислења и аргументи за билатералните односи меѓу двете земји, стратешките определби на нашата земја за членство во ЕУ и НАТО, регионалните прашања и, секако, европроширувањето и иднината на нашата европска перспектива.

На средбата, Макрон му соопштил на Пендаровски дека тој и неговиот тим веќе почнале со расчистување на новата методологија и предложиле нон пејпер до земјите членки кој почнал да циркулира пред недела дена. Макрон, вели Пендаровски, очекува фидбекот и инпутот од останатите земји членки да биде комплетиран за месец – два, односно методологијата да биде усвоена најдоцна до март, но и порано. Сепак, истакнува Пендаровски, во меѓународна оргнизација со 28 членки не можете да бидете сигурни.

По усвојувањето на методологијата, најавил Макрон, одлука на Европскиот совет за земјите кои очекуваат да започнат преговори би можела да се очекува на самитот на 6 мај во Загреб. За содржината на одлуката, вели Пендаровски, не разговарале, туку само за временскиот распоред.

Иако Пендаровски не негира дека сите опции се отворени, вклучително и повторно одложување, односно негативна одлука и во мај, од разговорот со Макрон било јасно дека причина за тоа нема да бидат оние најголемите кои циркулираат како шпекулации во јавноста:

Прво, кога Пендаровски на средбата истакнал дека за нас е неприфатливо сѐ што не е полноправно членство (како Европска економска зона, соседи на ЕУ и сл.), Макрон прецизно му рекол дека неговата намера во ниту еден момент не била некаква друга алтернатива освен да го подобри процесот на начин што нема да продуцира само бирократски, туку и суштински успеси.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

Макрон немал забелешки ниту околу исполнувањето на условите од страна на земјава.

„Сите опции се отворени, со тоа што претседателот Макрон на средбата децидно кажа и бидејќи инсистирав да се каже заради што е одложувањето. Имате различни шпекулации и кај нас дома и во регионот, дека тоа е од не знам какви други политички причини. Тој рече не, одложувањето е зошто сега нам ни треба повеќе време, не вака. Значи дозволете ние, тој и со тоа го почна разговорот. Моја стара заложба е да има продлабочување на Унијата, подобрување на методологијата. Значи тоа се двете страни на ист процес. Продлабочувањето на оние што се веќе внатре, а методологија за оние што сакаат да станат нови членки. Вели, тие работи знам дека може да одат паралелно и ќе одат паралелно бидејќи вие сега барате само отворање на преговорите, мене ми е кристално јасно. Меѓутоа, сакам да ве уверам дека вие испорачавте прво сé, второ не ви нудам алтернатива на полноправно членство ниту други форми на соработка“, сподели Пендаровски, додавајќи дека Макрон и сам изразил подготвеност да дојде во земјава и ова истото да го образложи пред граѓаните.

- Реклама -