Пишува Бранко Героски за „Плусинфо“
Кога пред извесно време, драги мои другарки и другарчиња, ги најавивте вашата голема офанзива против „лажните вести“ и активностите за „одбраната од нападите против демократијата“, јасно ми беше дека опасно се глупирате. Пишував за тоа, а вие ме прогласивте за предавник на вашата „кауза“. И еве, сега јасно се гледа дека подготвувавте алиби за масивната пропагандна кампања за оцрнување на политичките противници и на критичарите на власта (кампањата е во тек), како и за обидите со репресивни мерки да ги спречите изливите на незадоволство на луѓето што ги разочаравте со лошото владеење.
Иако знам колку сте нервозни и очајни, сепак не верував дека ќе се осмелите својата замисла да ја преточите во нови, срамни, тоталитаристички законски ограничувања на уставното право на слободно собирање. Да ве потсетам, членот 21 од Уставот вели: „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба“.
Се разбира, согласно со прифатените меѓународни конвенции, декларации и стандарди, кои се составен дел на нашиот домашен правен поредок, законодавецот има право да пропише извесни ограничувања на правото на јавно собирање, но само ако тие се „неопходни во едно демократско општество во интерес на националната безбедност и јавната безбедност, јавниот ред, заштитата на јавното здравје или морал, или пак правата и слободите на другите”. Дополнително, Европската конвенција за човекови права им дозволува на државите да воведат законски ограничувања во остварувањето на ова право на припадниците на вооружените сили, на полицијата или на администрацијата.
Но, вие, другарки и другарчиња, сте смислиле една многу подла работа, нешто со што најдиректно покажувате дека не се разликувате од режимот на Никола Груевски што го соборивме. Така, според вестите објавени во некои медиуми, кои извесно е дека не се лажни (погледнете ја фотографијата на крајот на оваа колумна), пред неколку дена во Собранието стасале предлог-измени на Законот за јавни собири, во кои се предвидуваат нови, драстични, дури и неверојатни ограничувања на правото на јавно собирање. … Целата колумна прочитајте ја ТУКА.