Од 2005 година земјава е кандидат за членство во ЕУ, па нашите тимови се подготвени за преговори, дури и ако новата методологија на која инсистира Франција е „петпати“ поригорозна. Нека е, ние немаме проблем, подготвени сме и немаме резерви за реверзибилноста на процесот, вели претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања во пресрет на средбата со Макрон следната недела, но важно е, истакнува, да знаеме кога ќе се случи таа промена на методологијата и кога конечно ќе го започнеме процесот, бидејќи земјава исполни сѐ што беше побарано од неа.
Според Пендаровски, Париската мировна конференција, на чии маргини ќе се оствари средбата со францускиот претседател, е добра прилика земјава да ги изложи аргументите. Сепак, потенцира тој, не треба да се имаат илузии дека било кој на светов би можел за нешто да го убедува претседателот на Франција.
Франција, потсетува Пендаровски, по Брегзит останува единствената нуклеарна сила во ЕУ, притоа е постојана членка на Советот за безбедност и има два и пол века демократија. Ставовите на Макрон изразени на Самитот во Брисел, оттаму, се добро осмислена политика, констатира претседателот, додавајќи дека Макрон бил во право со забелешките дека последните држави кои станаа членки на Унијата не се на рамниште со нејзините стари земји членки, како во однос на демократијата, така и во однос на другите cлобoди и пpaва.