Алан Џагоев е фудбалерот што челниците на Тотенхем планираат да го ангажираат во јануарскиот преоден рок како засилување на плејмејкерската позиција во тимот за вториот дел од оваа натпреварувачка сезона.
„Спарси“ го продадоа Лука Модриќ кон самиот крај на преодниот рок, а менаџерот Андре Вилјаш-Боаш не успеа во својата намера како замена за Хрватот да го ангажира Жоао Мутињо. Откако португалскиот ас јасно стави до знаење дека својата иднина ја гледа како член на Порто, Вилјаш Боаш целото свое внимание го насочи кон Џагоев.
Руските медиуми обелоденија дека преговорите меѓу челниците на Тотенхем и на ЦСКА Москва се веќе стартувани, а двете страни се многу близу до пронаоѓање на заеднички јазик. Имено, рускиот гигант ја одбил последната понуда на лондонскиот клуб во висина од 16 милиони евра, но се очекува во најскоро време двата клуба да го договорат трансфер за сума од 18 милиони евра.
Тотенхем во текот на летниот преоден рок ги ангажираше Демпси, Сигурдсон и Дембеле како освежување за овој дел од тимот, но ниту еден од тројцата не ги задоволи целосно вкусовите на Вилјаш Боаш. Токму поради тоа, Португалецот инсистира на ангажман на Џагоев, во кого гледа идеален наследник за Модриќ.