Викендов ќе трае еден час подолго

Во недела доаѓа, за повеќето, единствениот убав момент во сезонското сметање на времето. Во недела, на 27 октомври, во 3 часот наутро (сабота кон недела), почнува зимското сметање на времето и стрелките на часовникот се враќаат за еден час наназад.

Така, во 3 часот всушност ќе биде 2 часот, со што се нормализира сметањето на времето и се надоместува оној еден час загубен кога на пролет ги поместуваме стрелките на часовникот понапред.

Но, нема уште долго да си играме со стрелките на часовникот, барем не задолжително и не на ниво на Европската унија. Во март годинава, Европскиот парламент со двојно повеќе гласови „за“ го укина поместувањето на времето, а одлуката стапува на сила во април 2021 година. Оттогаш, па во иднина, секоја од земјите членки ќе биде оставена самата да одлучи кој систем на сметање на времето ќе го користи.

Одлуката за укинување на оваа пракса не е случајна. Се работи за прастара идеја, која прв ја предложил Џорџ Верн Хадсон од Нов Зеланд, уште во 1895 година во Кралското друштво во Велингтон, кога побарал стрелките да се поместат за два часа. Сепак, идејата веројатно ќе била заборавена ако подоцна на истата не се сетил британскиот претприемач Вилијам Вилет (1856-1915), кога при едно утринско јавање во Лондон во летото 1905 година забележал дека сонцето е одамна изгреано, а голем дел од лондончани сѐ уште спијат. Вилет неуморно лобирал сѐ до Прва светска војна, а за идејата го загреал и Винстон Черчил, но не дочекал да биде озаконета. Во 1916 година Германија прва го воведува законот за летно сметање на времето, во период кога заштедата на ресурси станува уште поголем императив (ако фабриката работи на сонце, нема да троши за осветлување), а во 1921 година тоа го прават и Британците. По нив и речиси сите други европски нации, како и САД.

Со денешната технологија и во овој денешен начин на живеење, ваквата рудиментирана мерка практично и да нема никаква полза, како што впрочем истакна и европратеничката Марита Улвског на дебатата по ова прашање во Европскиот парламент. Затоа пак, поместувањето на стрелките на часовникот има бројни негативни последици по човечкото здравје, покажуваат низа истражувања направени последниве години.

- Реклама -