Вајгл: ЕУ ја измами С. Македонија и докажа дека противниците на Преспанскиот биле во право

Незапочнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија е катастрофална грешка што го поткопува кредибилитетот на ЕУ и нејзините институции во сите земји-кандидати, оценува Иво Вајгл – поранешен член на Европскиот парламент од Словенија и известувач за Македонија во периодот од 2014 до 2019 година.

На Форумот за безбедност во Белград, Вајлг не штедел зборови при критикувањето на неуспехот на Европскиот совет на земјава да ѝ даде датум за почеток на преговори, пренесува „EWB“.

„Јас би рекол дека ова е измама, јасно и едноставно. Мислам дека ова е неприфатливо за било која земја, па ни за Франција – да блокира вакво нешто против волјата на сите и да предизвика срам за ЕУ“, рекол Вајгл.

Во обраќањето Вајгл потсетил и дека тој лично е еден од потписниците на предлогот Алексис Ципрас и Зоран Заев да бидат номинирани за Нобелова награда за мир поради потпишувањето на Преспанскиот договор, за кого Вајлг смета дека е еден од ретките случаи во овој дел од светот во кој еден таков политички проблем бил решен во еден таков „просветлен и демократски манир“.

„И сега некој тоа го фрли во канта и ги дискредитираше напорите на овие двајца државници, со што докажа дека противниците на ваквиот договор биле во право“, рекол Вајгл за „EWB“.

Прашан дали европските либерали, како францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте, се дистанцираат од Западниот Балкан, Вајгл, кој и самиот беше член на Алијансата на либерал-демократи на Европа, вели дека мнозинството либерални партии го поддржуваат проширувањето на Унијата, но истакна и дека Франција и пред Макрон имала резерви по ова прашање.

„Не знам кои му се мотивите на Макрон и сметам дека некој треба директно да му го постави ова прашње. Не го гледам неговото резонирање – дека ЕУ треба прво да се реформира и обнови самата – соодветно. Мора да има нешто друго, но што е тоа, јас не знам. Што и да е, не е либерално“, заклучува тој.

- Реклама -