Во нацртот се дава зелено светло за преговори, во меморандумот на Франција се вели сосема друго

Балканските надежи за почеток на пристапните преговори со Европската унија висат во неизвесност, бидјеќи Франција инсистира дека унијата сѐ уште не е подготвена да дискутира за можноста на прифаќање на нови членки, стои во документот разменет меѓу дипломатските мисии во Брисел, објави „Bloomberg“.

Франција и Холандија сакаат целосно видоизменување на процесот на проширување пред да почнат преговорите со Северна Македонија и Албанија, вели весникот. Париз сака преговорите да бидат постепени, поконкретни („во бенефитите што ги нудат на засегнатите земји“), но и со можност да бидат реверзибилни, односно поништени, во зависност од ефективноста, видливоста и суштинската имплементација на реформите, покажува нацрт комуникето на министерската средба во Луксембург, пишува весникот за меморандумот кој на 10 октомври проциркулирал од француските дипломати до другите ЕУ влади. „Никаков датум за формални преговори не треба да им биде даден на Албанија и Северна Македонија пред ЕУ да го комплетира ова преуредување на ‘методологијата’ на процесот“, се вели во документот.

Иако недобивање на датум ќе ризикува ослабување на реформските сили во двете земји, западните ЕУ функционери сѐ уште се запрепастени од неуспехот на источните земји (кои се приклучија во 2004 и 2007 година) во почитување на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Оттаму, западните земји се претпазливи околу примањето на нови членки во Унијата, пишува „Bloomberg“. Земјите како Полска, Унгарија и Романија, кои се меѓу најголемите приматели на структурални средства од ЕУ, се во костец со Европската комисија околу нивните демократски стандарди, а извршната „рака“ на Унијата засега не успева да ги доведе во ред, се вели во текстот.

На инсистирање на Франција, на тема проширување, во комуникето од јуни и ЕУ порача дека при прифаќањето на нови членки треба да се земе во предвид „капацитетот на Унијата да ги интегрира“ кандидатите земји.

„Bloomberg“ потсетува дека ЕУ амбасадорите денеска ќе ги направат последните обиди да дојдат до компромис, по што утре министрите ќе се сретнат во Луксембург, каде што ќе ја донесат одлуката.

Во последниот нацрт на одлуката, кој датира од 11 октомври, а до кој дошол весникот, се дава зелено светло за формално отпочнување на преговорите на Северна Македонија со Европската унија во првата половина од следната година. „Но, никој не е среќен со вордингот“, пишува „Bloomberg“ повикувајќи се на дипломат кој е запознаен со состојбите.

- Реклама -