Многу одредби од Законот за јазици (од 2018 година) ги надминуваат европските стандарди и тоа е за пофалба, оценува Венецијанската комисија, но во одредени области законот оди и предалеку, наметнувајќи нереални правни обврски врз плеќите на јавните институции.
Ова се само дел од заклучоците на Венецијанската комисија кои ги објави „Плусинфо“, кој поседува копија од нацрт-оценката која ќе биде официјално објавена на 17 октомври.
Како што пренесува порталот, за Венецијанската комисија посебно проблематичен е делот со употребата на албанскиот јазик во судските постапки и строгите и високи казни при неговото евентуално непочитување. Неговото спроведување во сегашните околности, оценува Комисијата, целосно ќе го забави функционирањето на целокупниот судски систем, со што се ризикува и сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права.
Како што посочува „Плусинфо“, повикувајќи се на свои извори, овие и низата други замерки (повеќе ТУКА) на Венецијанската комисија претставуваат силна критика кон Законот за јазиците од 2018-та и повикуваат на потребата од негова ревизија, заедно со преиспитување на причините поради кои е сменет законот од 2008 година.