На 31-ви јануари 2007-ма година, поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров гостуваше во емисијата „Отворено“ на хрватската национална телевизија.
15 години по распаѓањето на Југославија, поранешниот македонски претседател Киро Глигоров на хрватската национална телевизија проговори за тоа што се случувало пред распадот на Југославија и големиот предлог на Европската унија со цел да се спречи евентуална војна.
Како член на Претседателството, претседател на Собранието и член на Советот на Федерацијата на Југославија, Киро Глигоров беше една од најважните политички фигури во поранешната заедничка држава и вклучен во сите политички процеси и одлуки.
Глигоров открива дека како член Претседателството и претставник на Македонија, заедно со претставниците на останатите републики бил повикан на средба со „европската тројка“ – претседателот на Европската комисија Жак Делор, министерот за надворешни работи на Луксембург (земјата претседавач), Жак Сантер и холандскиот комесар (и министер за надворешни работи) Ханс Ван ден Брук.
Според Глигоров, претставниците на Европската унија на Југославија ѝ го претставиле планот одобрен од Советот на ЕУ кој требало да ја спаси земјата од граѓанска војна.
„Жак Делор рече дека прво – со политичка одлука Југославија ќе биде примена во Европската унија, веднаш. Второ, за да успее реформата на Анте Марковиќ, ќе добиете од буџетот на Европската унија 5 и пол милијарди долари. Но, потоа веднаш се покажа целиот неразумен однос кој постоеше меѓу претседателите на републиките – ако некој кажеше А, другиот ќе речеше Б и немаше никаква согласност. Не можевме никако да се договориме за да не мора баш се да се уништи во поранешна Југославија“, откри Киро Глигоров.
Според поранешниот претседател, Делор откако сфатил дека не можат да се согласат, исто така нагласил дека секоја република која што сака независност, треба да оди на референдум. Ако тоа го потврди народот, потоа републиката ќе биде примена во Обединетите нации. Понудата на ЕУ била протолкувана и како конфедерално уредување на сите држави во состав на Југославија.
„Од десетте точки кои ги прочита Делор, јас не знам која беше подобра“, истакна Глигоров.
Сепак, како што раскажува Глигоров, уште на состанокот веќе било јасно, личните амбиции на тогашните лидери на Србија и Хрватска, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туџман ќе го срушат секој обид на Европската унија да биде спречена војна во Југославија.
„Тогаш настана молк, па се јави Милошевиќ: Мислам дека треба да создадеме цврста и модерна федерација со седиште во Белград. Потоа повторно молк, па се јави Туѓман: Јас чувствувам дека имам историска мисија да го обновам хрватското кралство. Ние имавме држава и сега треба да ја обновиме. Друго не ме интересира, не ме интересираат никакви милијарди“, открива Глигоров.
Поранешниот македонски претседател потоа откри како на тоа реагирал претставникот на денешна Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ: „Ве молам немојте така, ова нека биде барем како основа за разговор, па ќе има сугестии за понатаму за тоа да се подобри. Ако тоа не се случи, во Босна ќе има к*в до колена“.
На крајот, дел од лидерите на тогашните републики го отфрлиле предлогот на Европската унија и одлучија Југославија да се подели со крвава граѓанска војна која благодарение на Киро Глигоров, Македонија успеа целосно да ја избегне.
Во периодот што следуваше започна „10 дневната војна“ помеѓу ЈНА и Словенците кои се бореа за независност, 4 годишната војна за Хрватската независност која резултираше со бројни масакри, бомбардирања на Дубровник, жестоки битки во Вуковар и слично.
Најкрвава беше босанската војна која траеше од 1992-ра до 1995-та година која настана од истите причини – неможноста да се утврдат границите на Србија, Хрватска и БиХ, мешовитоста на населението и амбициите за „големи држави“. Резултираше со над 100 илјади жртви, опсада на Сараевo која траеше речиси четири години и масакрот во Сребреница кој го потресе целиот свет.
Што ќе се случеше доколку била прифатена понудата на Европската унија, каква ќе беше иднината на Југославија и Македонија и дали ќе беа спасени стотици илјади животи, тоа никогаш нема да го дознаеме.