Северна Македонија го доби првиот грчки амбасадор

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма од страна на Димитрис Јанакакис, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Пендаровски изрази задоволство од отворањето на ново поглавје во односите меѓу двете држави со значителен потенцијал за нивно натамошно збогатување и унапредување и истакна дека овој чекор се должи, пред сè, на посветеноста на двете држави кон градењето добрососедска политика заснована врз принципите на меѓусебна доверба и транспарентност.

„Договорот од Преспа создава големи можности за постојано и значително унапредување на соработката на сите полиња и изградба на партнерски однос како што доликува на две соседни земји што споделуваат евроатлантски вредности“, рече претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека нашата земја во духот на добрососедството е подготвена за натамошна посветена и суштинска соработка со Република Грција, што е од интерес за граѓаните на двете земји и нивната благосостојба.

Претседателот истакна и дека очекува фокусот на понатамошната соработка да биде на унапредувањето на економска состојба, која, според него, веќе е добра.

„Во таа насока особен приоритет треба да има реализацијата на конкретните регионални проекти за подобрување на железничкото, патното и енергетското поврзување, комуникациите, туризмот, економската размена, протокот на луѓе, идеи и на сите оние области предвидени во Акцискиот план за збогатување и унапредување на економската соработка што го потпишаа премиерите на двете земји“, рече Претседателот.

Амбасадорот Јанакакис се заблагодари за топлото добредојде и истакна дека е почестен што е назначен за прв амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија. Тој потсети дека во периодот од 2016-та година, откако тој ја врши должноста шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје, Договорот од Преспа беше потпишан, ратификуван и стапи на сила, што доведе Грција да го поддржи пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ. Целосното и навременото спроведување на Договорот, пак, е од витално значење за односите меѓу двете земји, истакна Јанакакис.

Имајќи предвид дека настапи нова ера, додаде тој, соработката и синергијата меѓу нашите две држави сега можат и мораат да бидат дополнително засилени во сите области од заемен интерес, а со Договорот од Преспа и усвоениот Акциски план, поставена е широка рамка за соработка во многубројни области во кои веќе се потпишани и низа договори и меморандуми за разбирање.

Грчкиот амбасадор констатираше и дека демократската стабилност и безбедноста на регионот, безбедноста и сигурноста на нивните граници, како и просперитетот и развојот на регионот, се од заеднички интерес на двете земји.

Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

- Реклама -