Астрономи доброволци нашле планета која орбитира околу 4 ѕвезди

Двајца астрономи доброволци го потврдиле постоењето на планета слична на Нептун која орбитира околу четири сонца – прво откритие на ѕвезден систем со четири сонца.

Планетата, која се наоѓа на 5000 светлосни години од Земјата, орбитира доста блиску до еден пар ѕвезди и заедно со нив орбитира околу вториот пар на растојание од околу 1000 Астрономски Единици. Астрономите учествувале во доброволниот научен проект Planet Hunters, и успешно го потврдиле ѕвездениот систем со малку помош од професионалци од Велика Британија и САД.

Бинарни ѕвездени системи се доста честа појава, но тие ретко имаат планети, па како последица на тоа астрономите шпекулираа дека наоѓање на планета во систем со четири ѕвезди е речиси невозможно. Новото откритие затоа беше доста големо изненадување. Откритието на планетата, која го добила името PH1 по Planet Hunters проектот, било дело на Киан Јек од Сан Франциско и Роберт Гаглиано од Котонвуд, Аризона, со помош на Planethunters.org.

Анализирајќи податоци двајцата забележале мал пад во светлината предизвикани од планетата додека таа поминува пред ѕвездите. По нивното откритие тим професионални астрономи посветиле внимание на податоците и со помош на телескопот во Мауна Кеа, Хаваи, потврдиле дека се работи за ѕвезден систем со четири ѕвезди.

Она што ги збунува астрономите е како планетата, која е малку поголема од Нептун, сè уште не е растргната од гравитационите сили на ѕвездите. Близината на планетата до толку силна гравитација ја поставува во доста комплицирана гравитациона положба но таа има стабилна орбита. Главниот истражувач, Крис Линтот од Универзитетот од Оксфорд ја опишува ситуацијата како „навистина збунувачка“.

Сепак, PH1 е заведена како првата планета која орбитира околу бинарен систем во хиерархиски ѕвезден систем со четири ѕвезди. А со оглед на тоа што најодалечената ѕвезда се наоѓа на само 1000 Астрономски Единици, ноќното небо на PH1 е навистина спектакуларно.

- Реклама -