СЈО, престанува мандатот и на другите обвинители

Советот на јавни обвинители вечерва ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. За одлуката гласале сите пристуни членови на Советот.

„Советот на јавни обвинители на денаешната седница едногласно одлучи да ја разреши од функцијата специјален јавен овинител Катица Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење“-изјави Ацо Колевски, претседател на Советот на јавни обвинители.

Советот нема намера да именува ве-де специјален обвинител.

„Советот в понеделник ќе ја продолжи седницата на која ќе биде констатиран престанок на мандатот на обвинителите во Специјалното јавно обвинителство. Тие ќе се вратат во обвинителствата од кои дојдоа во СЈО“-рече Ацо Колевски, претседател на Советот на јавни обвинители.

Вонредното заседание на Советот на обвинители дојде по предлогот за разрешување на Јанева што на пленарна седница денеска попладне го утврди Собранието. 102-ца пратеници гласаа „за“. На одлуката и претходеше жестока расправа меѓу власта и опозицијата.

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, рече дека неговата партија е најмногу нападната во овој период, а пратеникот на БЕСА, Фадил Зендели, рече дека со гаснењето на СЈО се погребува правдата во земјата.

Не постои партија за која се клевети повеќе, нема партија за која се објавени повеќе нелегални прислушувања отколку за ДУИ. Со продажба и препродажба, со рекет и закани, со лаги и клевети. Нема пропаганда со повеќе клевета од тоа за ДУИ дека е заштитена партија, дека е криминализирана партија.

Тие не прават ништо друго туку едноставно поткопуваат една институција за која имало разлики. Имаше и поддржувачи и противници, но според мене, и двете страни ја погребаа оваа институција и ја погребаа надежта на граѓаните.

Јанева е осомничена во истрагата за случајот „Рекет“ поради што Советот на обвинители на 29 август оцени дека се исполнети условите за иницирање постапка за нејзино разрешување. Процедурата финишираше вечерва со финалната одлука на Советот на предлог на парламентот.

- Реклама -