Пишува Бранко Росиќ, за српски „Неделник“
Од Дамбо научи да правиш разлки, да ги почитуваш луѓето кои се различни, да развиваш емпатија. Значи досадната политичка коректност подобро се учи од клемпавото слонче отколу од сувите декларации и наметнувања.
Не можам да ја скријам одбивноста кон сѐ што има врска со следење на стварноста во Србија. Но принуден сум поради професијата да бидам во константно следење на случувањата. Во сабота другарка ми префрли што немам Твитер. Ѝ одговорив дека не можам прекувремено да се трујам. Не ги поднесувам мудростите на твитерашите. Се грозам од константните анализи. Ми се гади звукот на ѕвонење, па затоа веќе со месеци имам стишен телефон и затоа му се извинував на еден сјаен човек од насловната страна на актуелниот број, кој ми се јави вчера, а јас не сум го чул.
Дома зјапам во крими ТВ серии или гледам BBC Earth – синоќешната емисија за чај, иако повеќе сакам кафе. Сѐ што нема врска со стварноста ми ја разубавува истата таа стварност. И никогаш сум немал проблеми да се одметнам во фантазијата. И така вчера читам интервју со Тим Бартон, кој го режираше новиот филм за митскиот слон со џиновски уши – Дамбо.
„Дамбо е симбол на некој кој не се вклопува, но ги претвора своите недостатоци во предност. Инклузија, прифаќање, разлики, љубезност, се нештата што Дамбо ги симболизира. Тој е суштество што не се вклопува. Се обидува да го најде своето место во светот“.
И преку Дамбо научувате многу нешта. Како што тоа го научувате од сите животни кои зборуваат во Дизниевата франшиза, па и некои подоцни продукции со животни со човечки говор. Станувате подобри луѓе преку тие животни. Во спротивно нешто не е во ред со вас. Или потсетете се кој ги мразеше таквите јунаци. Јозеф Гебелс ги презираше Дизниевите јунаци тврдејќи дека Мики Маус е дегенеричен лик на просечен Американец. И одма гледаш дека ќе тргне на лошо. Не треба да дојдеш ни до „Мајн Кампф“, доволно е да видиш што зборува неговиот шеф на пропаганда за еден обичен симпатичен глушец.
Преку Дамбо јас како мало момче научив многу нешта. Да сочувствувам со послабите кои ги навредуваат, како што го навредуваат малиот слон со огромни уши. Подоцна внимавав и во училиште да не се приклучувам кон оние кои ги исмеваат школските другари со физички и останати недостатоци. И ти научи, да имаш емпатија кон оние со лоши карти во животот. Од Дамбо научи да ги прифаќаш разликите, да ги почитуваш различните, да развиваш емпатија. Толку досадната политичка коректност подобро се учеше од клемпавото слонче, отколку од сувите декларации и наметнувања. Научи и да навиваш за послабите, повторно преку Дамбо, кој станува ѕвезда на циркусот бидејќи има способност да лета. И главно, ако си го засакал и ако си учел од Дамбо, секогаш си бил на правата страна и никогаш не си преминувал на онаа темната страна каде беа злобниците.