Писмото на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, испратено од притвор до обвинителите од СЈО, со кое им дава овластување да му ги предадат предметите на СЈО на Јавното обвинителство, било напишано дел на компјутер, а дел рачно, изјави професорот по кривично право Гордан Калајџиев во вечерашното гостување на ТВ „Телма“, повикувајќи се на обвинители од СЈО кои му ја откриле оваа информација, пренесе „МКД.мк“.
Калајџиев смета дека во целата работа „нешто смрди“ и бара управата на затворот да одговори на низа прашања, а потоа и да се формира собраниска комисија што ќе ги утврди одговорите на следните дилеми, поставени од Калајџиев:
„Кој тоа ѝ го дал на Јанева писмото напишано на компјутер, на кое таа со рака нешто допишала? Кој влегол и ја посетил Јанева? Тоа се знае. Се снима. Директорот на затворот во Шутка – Есад Рахиќ, треба да одговори на некои прашања. Треба да се формира собраниска комисија. Кој тоа може да има компјутер во затвор? Тука нешто смрди“, рече Калајџиев.