Стадионот на австрискиот клуб Клагенфурт е привремено преобразен во шума од дури 300 дрвја, пренесува Swissinfo.
Швајцарскиот уметник Клаус Литман го претвори стадионот со капацитет од 30.000 гледачи во шума, со што спортската зграда е дел од изложбата во чест на природата. Ова е исто така најголемата јавна уметничка инсталација во Австрија.
Изложбата е отворена денес 8 септември и се наоѓа на стадионот Вортерси во Клагенфурт, Австрија, во близина на границата со Словенија и Италија.
Инспирацијата за изложбата беше слика на австрискиот уметник и архитект Макс Пеинтнер, откриена од Литман пред скоро 30 години. Според него, целта на изложбата е да се преиспита нашата перцепција за природата и да се запрашаме за нејзината иднина. Исто така, целта е да се поттикнат луѓето да размислуваат дали природата еден ден може да биде присутна само на одредени простори на начин на кој денес се наоѓаат животните во зоолошките градини.
Уметничката инсталација се состои од 300 дрвја, некои тежат до шест тони. Дрвјата биле внимателно засадени низ целиот стадион и ќе останат таму до крајот на октомври. Посетителите ќе ја видат природната промена на годишните времиња, промената на бојата на лисјата и создавање на живот во шумата.
Откако ќе заврши изложбата, дрвјата ќе бидат внимателно пресадени на јавна површина во близина на стадионот и ќе бидат „жива скулптура“.