Колумна на Александар Русјаков, за „НОВА МАКЕДОНИЈА“
Еве ги Боки и Фрики на скалите од хотелот, пред да започне журката… На оваа фотографија се Боки и Фрики додека наздравуваат… Тука се Боки и Фрики пред да почне конференцијата… На оваа фотка ги гледаме Боки и Фрики со Моника Белучи маскирана во Федерика Могерини… Еве ги Боки и Фрики, летаат на персиски килим што им го подари султанот од Брунеи… На оваа фотографија се Боки и Фрики со рекети во рацете по успешна партија тенис… Тука се Боки, Фрики и Зоки, а ова лево од нив е шпанската инквизиција…
Не ја очекував шпанската инквизиција.
Русјаков!!! Што правиш, по ѓаволите?
Аман, не се дери! Еве, внесувам малку Монти Пајтон во реалново шоу.
Па, што не пишуваш со свои зборови, а? Што си се фатил за Монти Пајтон, па ги цитираш? Немаш веќе инспирација, признај!
Мицковски да каже каде ми отидоа зборовите! Мицковски да каже што ми се случи со инспирацијата! И какви се тие мрачни сили што ми рекетираат глаголи и придавки? И уште да каже како тоа Боки и Фрики на двесте фотографии заедно, ко да се Тито и Јованка, а ваму она само од телевизија го знае? И не само тоа. Мицковски да каже зошто Ката може да дава наредби од притвор, а не може да си го укине притворот?
Е, браво бе, Русјаков! Сега почна и во судството да се мешаш.
Мицковски да каже зошто почнав и во судството да се мешам.
Ама ти се заебаваш.
Јас ли? Смртно сум сериозен. И гневен. Ова веќе не се поднесува. Нема правда, нема мир! Потребна е нова „шарена револуција“. ВМРО-ДПМНЕ мора да се сруши од опозиција. За сè се виновни тие. Си добивме датум за почеток на преговорите и сега поради нив, пак треба да добиваме. А што му фалеше на оној првиот? Ништо, датум како датум… блескав. И вмровциве почнаа, лажна вест, па лажна вест. А секоја лага е половина вистина, така? И ЕУ ни го преполови датумот. Еден лани, еден сега. Токму тоа го искористија и злоупотребија вмровците. Тој период од една година. Ги активираа своите подметнати спијачи. Како Катица Јанева. Изборот на Никола Груевски. Таа почна да рекетира. Секако несвесно. Тоа е стара и позната руска тактика. Го хипнотизираш праведникот и во твоите раце станува злосторник. Така го убија Кенеди. Така го донесоа Трамп на власт во САД. Така ја злоупотребија Катица. Ама тоа не им беше доволно. Измислија лик. Човек што не постои. Халуциногена травестија. Па, го монтираа на стотици фотографии со блескави и праведни луѓе од власта. Името му е Боки Тредичи. Изваден од мрачната потсвест на Федерико Фелини, го промовираше италијанскиот весник за фејкњуз, „Ла верита“. Фала му на бога што ОЈО конечно собра докази дека Боки Тредичи е измислен лик. Дека не постои. Да беше реална личност, ќе имаше барем некој што го видел во живо. А сега гледаме од сведоштвата дека никој не го познава. Овие мрачни вмровски сценарија мора да престанат. Затоа ни треба нова „шарена револуција“. Да се крвави и да се умира по улици за да се вратат правдата и мирот. ВМРО-ДПМНЕ мора да падне од опозиција. Целата статија ТУКА.