Ова е смешна и апсурдна одлука иако Катица Јанева се уште е специјален јавен обвинител, смета адвокатот Ѕвонко Давидовиќ. Правниот експерт појаснува дека Јанева има право во координација со Истражниот затвор во Шутка и со Основниот кривичен суд да испрати писмо, но нема право на таква содржина на истото, односно да определува во кое обвинителство ќе припаднат предметите. Од СЈО потврдија дека Јанева испратила барање за префрлање на сите предмети, кои се во судска постапка, истрага и предистрага да се предадат во ЈО.
„Катица Јанева се уште е специјален јавен обвинител. Но, ова е смешна и апсурдна ситуација која покажува колку се некадарни сите институции особено Советот на јавни обвинители, кои дури пред неколку дека даде предлог до Собранието за разрешување на Катица Јанева. Согласно Законот за СЈО, тие тоа требаше да го сторат многу порано, односно откако на Јанева и беше определена мерка притвор”, вели адвокатот Давидовиќ.
Тој појаснува дека додека оваа која се однесува на разрешувањето на Јанева не биде донесена, таа е специјален јавен обвинител.
За поднесеното барање предметите на СЈО да бидат предадени во Јавното обвинителство, Давидовиќ појаснува дека согласно Законот за СЈО, Јанева нема право на вакво нешто.
„Согласно законот за СЈО Јанева вакво нешто нема право да направи бидејќи таа може да преземе предмет од редовното ОЈО и да воспостави надлежност, но не и обратно бидејќи во законот стои дека јавниот обвинител на државава или друг јавен обвинител нема право да преземе гоење или истрага во предметите кои се во надлежност на СЈО без негова писмена согласност. Не може Катица да определува во кое обвинителство ќе одат предметите и таа да ја определува надлежноста на редовното обвинителство”, додава Давидовиќ.
Додека Јанева е во притвор може единствено да комуницира со својот бранител. Адвокатот Давидовиќ смета дека смешно е специјален јавен обвинител на издава наредба за предавање на предмети во друго обвинителство, и прашува што би било следно, Јанева да побара притвор за некој осомничен од предмет на СЈО додека самата таа е во притвор?.
Специјалната обвинителка, Катица Јанева од Истражниот затвор во Шутка вчера испратила писмо до тимот на обвинители со кое наредува сите предмети од СЈО да се предадат во Основното јавно обвинителство во Скопје.
Информацијата за МКД.мк ја потврдија и официјално од СЈО. Како што дознаваме во врска со писмото од шефицата, обвинителите одржале состанок, одлуката ќе треба да се донесе во рок од три дена.
Член 60 од Закон за јавно обвинителство вели:
(1) Јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата за време додека се наоѓа во притвор.
(2) Јавниот обвинител може да биде оддалечен од вршењето на функцијата за време додека трае истрагата за кривично дело или кога е поведена дисциплинска постапка или постапка за негово разрешување.
(3) Oдлука за оддалечување на јавниот обвинител од функцијата во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член донесува јавниот обвинител на Република Македонија.
(4) Против одлуката од ставот (3) на овој член јавниот обвинител има право на жалба до Советот на јавни обвинители на Република Македонија.