И Наташа Мешковска загрижена за Марко, апел до родителите: Најдобронамерно, во иднина консултирајте стручни лица!

Откако речиси сите му честитаа за храброста и упорноста на 13-годишниот Марко Пејчиновски, сосема заслужено, низ купот поддршка почнаа да се наѕираат и помалубројните, но сепак присутни критики. Никако насочени кон Марко, но кон тие околу него, неговите родители, неговиот тим, докторите што му даваат одобрување и надлежните институции. Таткото на Марко во денешниот разговор со „Фокус“ порача дека критиките се целосно неосновани и дека доаѓаат од лица кои се неупатени во она што го прави Марко и темелната грижа што тимот околу него ја води за неговото здравје.

Од друга страна, меѓу критиките е присутна и таа на Наташа Мешковска – прославената македонска олимписка пливачка, првак и шампион во пливање во поранешна Југославија, претставник на Република Македонија на две Олимпијади, а денес инструктор по пливање и професор на Факултетот за физичка култура и спорт. Нејзината критика е, како што вели, најдобронамерна, но истовремено е и мошне алармантна. На својот Фејсбук профил, Мешковска напиша:

„Почитувани пријатели, дали Марко можеше да плива 10 километри за подигнување на свеста? Кој одлучи дека треба да плива токму 64 километри? Кој е докторот кој даде одобрување за вакво нешто? Со кој памет Федерацијата го одобри и поддржа настанот?

Најдобронамерно, апел до родителите и тимот (ако воопшто го има), во иднина консултирајте стручни лица пред да го ставите детскиот живот во oпacнocт! Ако не им верувате на нашите, консултирајте било кој од фелата во регионот“, порачува Мешковска.

- Реклама -