Македонска банка што е затворена пред 12 години, сега преку извршители ги гони должниците

Над 3.500 извршни решенија за наплата на стари кредити пратила Македонска банка до свои клиенти. Иако не постои 12 години, банката која со решение ја затвори Народната банка, сега им бара на нејзините должници да ги вратат кредитите и тоа со камати за сите изминати години до сега. Луѓе кои добиле вакво решение велат дека се изненадени од испратените извршни решенија и дека поради долгиот период во кој никој не им се обратил сега треба да плаќаат камати кои кај повеќето се поголеми и од основниот долг, пишува Фактор.

-Јас имав кредит од кој имаше преостанато за враќање околу 1.000 евра. Сега вкупниот долг кој треба да го вратам со камата изнесува 3.500 евра. Адвокатот вели дека долгот мора да се врати инаку сметката ќе се блокира. Револтирана сум затоа што банката ја затвори државата, немавме каде да уплаќаме, немаше сметка, а сега морам да плаќам се со камата. Ми доаѓа да тужам, вели скопјанката З. С.

Според информации од адвокати и извршители, пуштени се 3.500 решенија и на сите им се пресметани камати. Претходно клиентите не добиле известување од стечаен управник дека на долгот сѐ уште се пресметуваат камати.

Засегнатите коментираат дека ако знаеле дека ќе има тужби, ќе имале право да поднесат приговор или да плаќаат порано на сметката што ќе им била кажана.

Македонска банка беше ликвидирана со одлука на Народната банка на Македонија во 2007 година. Тогашниот гувернер Петар Гошев одлучи банката да биде затворена со образложение дека мора да се спречи нов Експорт импорт или нов ТАТ.

Штедачите подоцна беа обесштетени, но должниците до сега не знаеја дека на нивните долгови течела камата.

- Реклама -