„Абе луѓе што сте смешни. Зборите за министри, за потпретседатели некои. Абе во време на оваа влада се уништи институција на надеж, се закопа, се упропасти идејата за правна држава. Вие причате и се чудите на ситни глупости и дефокуси. Криминал се случил и се случува, надеж се уби, СЈО се закопа, правда нема, живот без мир дојде, зарем уште имате некакви очекувања?! Нели гледате дека сè е импровизација, клиентелизам, апологетство и квазиелитизам“, пишува на Фејсбук новинарот Ивор Мицковски, видно разочаран од последните случувања во земјата поврзани со аферата „Рекет“.
Сличен пост тој објави и вчера, кога оцени дека владата го изгубила сиот морален и политички кредибилитет и е осудена на бавно паѓање, а граѓаните на бавна промена на политичката парадигма:
„Не може здрави институции да изгради власт која ги сруши веќе новите институции кои биле надеж за граѓаните“, вели тој. „Како со секоја пропала или квази револуција, вистинското опаметување доаѓа после дефинитивниот пад на лажните митови и лажните надежи. Пазете се од тие што ви пропагираат оправање на непоправливото, кои ви зборат дека немањето алтернативи е причина за одржување на нешто подеднакво ужасно кое не успеало да се надмине и да го надмине режимот.
Дека ќе потрае ќе потрае, дека е подобро од режим е подобро, но тоа не значи дека оваа власт повеќе има морален или политички кредибилитет. Влезени во длабока импровизација, во бегство од реалноста, во обиди за контролирање на димензиите на криминалот, во празни дефокусирања, осудени се на бавен пад, а ние на бавно и тешко менување на политичките парадигми и откажување од задоволувањата со помалото зло“, смета Мицковски.
Излагањето од таа димензија, вели, е единственото што може да создаде нова енергија, нови ментални и политички хоризонти, нов порив за градење институции и правна држава.
„Сè друго е мачење, лажење, бедно слугување на прости логики и тесни интереси, одржување на помек, но еднакво криминален и клиентелистички систем. Жими светите крави, овој ужас во очите на луѓето е разрешен, но како откажување, како апатија, бес и безизлезност. А предобро знаеме, нема политичка сила, авторитарна или демократура била, која може во таков општествен амбиент да опстои или да направи нешто добро“.
„Светите крави“ Мицковски ги спомна и претходно.
„Цело време едни исти кажуваат како ‘никој не бил недопирлив’. Ова го зборат истите ‘свети крави’ кои се недопирливи со децении, или новопечените бели мечки на тендер коалицијата. Државава има повеќе недопирливи од допирливи што се огрешиле, а они причаат причи“, напиша тој.