Студентка од Тетово собра училишен прибор за учениците што не можат да си дозволат

Херој без наметка деновиве е Рита Бехадини, студентка и активистка од Тетово, која самоиницијативно започна хуманитарна акција за собирање на училишни материјали и прибор за учениците на кои им се потребни.

Според анализата на „Слободен печат“, за да се подготви едно прваче, родителите ќе треба да потрошат околу 8.000 денари. За постарите ученици, трошоците се уште поголеми. Рита, во меѓувреме, е свесна дека не сите имаат доволно средства за да купат сè што им е потребно, па поттикната од малата (читај: непостоечка) заинтересираност на институциите за проблемот, таа на 15ти август ја започна иницијативата „Овој септември, со полн ранец на училиште!“. Оттогаш и во наредните денови, сè до 25ти август, во неколку локални барови, кафулиња и книжарници во Тетово се поставени кутии за донации, каде секој кој е во можност може да донира било каков училишен прибор, тетратки, блокови и други материјали, кои потоа ќе ги добијат деца од сиромашни семејства или корисници на социјална помош. Засега Рита контактирала најмалку 50 такви семејства.

Рита е презадоволна од одѕивот на локалните жители и вели дека веќе имаат собрано огромен број на прибор и материјали, кои ќе ги задоволат потребите на најголемиот дел од учениците. Од друга страна, таа е свесна дека помошта доаѓа со мало задоцнување, па ги повикува институциите и невладините догодина да организираат повеќе вакви акции, затоа што досега, во оваа, ги нема.

„Идејата е моја и сама ја започнав и реализирам. Секако дека ваква помош е потребна низ целата држава, не само во овој град, но за тоа ми е потребна помош“, вели студентката, додавајќи дека ниту едно дете не смее да се почувствува лошо и дискриминирано уште од најмала возраст, особено не поради банални работи кои може лесно да бидат подобрени.

Извор: Радио МОФ (Автор: Георги Божиновски)

 

- Реклама -