„Не сум се ни доближила до Катица Јанева, од самиот старт се оградувам!“, изјави обвинителката од СЈО – Лиле Стефанова, пред новинарите по одложувањето на рочиштето за случајот „Титаник“ на нејзина иницијатива, откако одбраната на обвинетите предложи прекин на пастапката сè до разрешницата на ситуацијата со специјалната јавна обвинителка, со образложение дека единствено Јанева е надлежна да ги застапува предметите на СЈО.
Стефанова оцени дека во моментов Специјалното јавно обвинителство ги преживува можеби најтешките денови од своето постоење и апелираше политичарите да го донесат Законот за јавното обвинителство, со цел да нема прекин во постапките, не само во судските, туку и сериозните истраги кои се во тек.
Што се однесува до апсењето на шефицата на СЈО – Катица Јанева, Стефанова порача дека најважното е што се расчистува криминалот:
„Денес гледаме расчистување со криминалот и треба да бидеме горди на тоа, а дали осомничениот ни бил шеф, колега или пријател, воопшто не е важно“, изјави обвинителката.
Што се однесува до можноста да паднат предметите на СЈО поради случувањата со Јанева, Стефанова смета дека таква не постои. Предметите, како што вели, ги работеле десет јавни обвинители и таа изрази верување дека сите се сработени како што треба. „Тврдам за моите“, додаде таа.
Прашана за позицијата на нов шеф на СЈО, Стефанова додаде дека воопшто нема намера да конкурира.